Темата за начинот на полагање на правосудниот испит доби нови димензии во политичкиот дискурс во државата по изјавата на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Тој во петокот во интервју за ТВ Сител рече дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот и дека ставовите на ЗНАМ по ова прашање му се познати на премиерот
Правосудниот систем мора да функционира според принципот на франка лингва, а тоа е македонскиот јазик, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски од Охрид, оценувајќи дека тоа е прашање поврзано со владеењето на правото, а не со други права или политикантства.

Одговарајќи на новинарско прашање дали на владина седница ќе се разгледува прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик, како и на реакциите на коалицискиот партнер ЗНАМ, Мицкоски појасни дека нема да има барање и решение со кое испитот ќе се полага на албански јазик, туку решението што ќе биде доставено до Владата содржи два дела.
„Првиот ќе им овозможи на кандидатите делот поврзан со нивните додипломски студии да го полагаат на јазикот на кој го завршиле високото образование, доколку студирале на јазик различен од македонскиот, како што се албанскиот, турскиот или англискиот. Вториот дел, кој опфаќа симулација на судски процес од кривична или граѓанска постапка, ќе се полага на македонски јазик“,
рече Мицкоски при посетата на Охрид.
Темата за начинот на полагање на правосудниот испит доби нови димензии во политичкиот дискурс во државата по изјавата на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој во петокот во интервју за ТВ Сител рече дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот и дека ставовите на ЗНАМ по ова прашање му се познати на премиерот Христијан Мицкоски.
Димитриевски најави дека на следниот состанок со премиерот ќе побара лидерска средба на која отворено би се разговарало и би се дефинирале црвените линии со коалициските партнери во однос на ова прашање и што тоа ќе значи за иднината на државата и за целокупниот правосуден систем.
Министерот за правда Јетон Шасивари минатиот месец во изјава за медиумите рече дека преку дијалог со студентите и факултетите сака да се дојде до современо, правно издржано и европско решение, а најави и дека побара мислење од Венецијанската комисија за предложените измени за полагање на правосудниот испит, со цел да се обезбеди, како што кажа, дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди.
