Синоќа компанијата „Нвидиа“ објави дека започнала независна истрага по информациите во медиумите дека нејзиниот основач и извршен директор, Џенсен Хуанг, бил цел на „операција на странска разузнавачка служба“, пренесе „Гардијан“
Личноста со која тој стапил во врска, Алис Хуанг, според информациите работела за компанијата „Мегаспид“ (Megaspeed) со седиште во Сингапур, која се занимава со дата-центри и за која постои сомневање дека овозможувала пренасочување на чипови од „Нвидиа“ кон Кина, заобиколувајќи ги американските контроли на извозот
Скандал, кој наликува на шпионската тактика позната како „медена стапица“ (honeytrap), а во кој се вмешани шефот на највредната компанија во светот „Нвидиа“ (NVIDIA) и бизнисменка наводно врбувана од кинеските разузнавачки служби, го потресува секторот за вештачка интелигенција (ВИ).

Имено, синоќа компанијата „Нвидиа“ објави дека започнала независна истрага по информациите во медиумите дека нејзиниот основач и извршен директор, Џенсен Хуанг, бил цел на „операција на странска разузнавачка служба“, пренесе „Гардијан“.
Според извештаите за шпионската операција, Хуанг стапил во романтична врска со Кинезинка по име Алис Хуанг, која била регрутирана да шпионира за кинеското Министерство за државна безбедност.
Тој синоќа во обраќање до вработените во компанијата призна дека имал љубовна афера, извинувајќи им се и ним и на своето семејство.
„Им должам извинување на моето семејство и на сите вас. Не ѝ бев верен на сопругата. Со своите постапки ги повредив неа и нашите деца. Не постои оправдување за она што го направив. Длабоко жалам“,
рече извршниот директор на „Нвидиа“.
Џенсен Хуанг останува на чело на компанијата и ќе соработува со истрагата
Од компанијата соопштија дека нема причина да веруваат дека трговските тајни или националната безбедност на САД биле компромитирани во случајот.
Хуанг останува на чело на компанијата, но, на барање на Конгресот на 18 ноември тој ќе треба да се појави на сослушување зад затворени врати во американскиот законодавен дом за да го објасни својот однос со Алис Хуанг.
„Иако одборот на директори нема причина да верува дека националната безбедност или тајните на ‘Нвидиа’ биле компромитирани, истрагата ќе ги разгледа сите достапни информации. Џенсен целосно ја поддржува истрагата и се обврза да соработува со неа. Одборот на директори има доверба во Џенсен и неговиот менаџерски тим и ќе објави нови информации по потреба“,
соопшти одборот на директори на „Нвидиа“.
Сепак, според медиумите, проблемот е многу посериозен од самото однесување на извршниот директор, бидејќи директно се надоврзува на загриженоста на Вашингтон дека САД би можеле да ја изгубат трката со Кина во областа на вештачката интелигенција.
Која е бизнисменката со која стапил во врска
Личноста со која тој стапил во врска, Алис Хуанг, според информациите работела за компанијата „Мегаспид“ (Megaspeed) со седиште во Сингапур, која се занимава со дата-центри и за која постои сомневање дека овозможувала пренасочување на чипови од „Нвидиа“ кон Кина, заобиколувајќи ги американските контроли на извозот.
Инаку, самиот Џенсен Хуанг беше еден од критичарите на ограничувањата што САД ги воведоа за извоз на чипови во САД. Во мај лани, како што потсетува „Гардијан“ тој изјави дека американските контроли на извозот – осмислени да го ограничат пристапот на Кина до чипови за вештачка интелигенција – претставуваат „неуспех“ и само ја поттикнале Кина да развие сопствени алтернативи.
Избувнувањето на скандалот доаѓа само неколку дека откако акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција доживеаја остар пад, по што следуваше благо закрепнување на крајот од тргувањето на Волстрит во петокот.
Денеска, пазарите во азиско-пацифичкиот регион бележат раст – јапонскиот индекс „Nikkei“ порасна за 2,2%, додека тајванскиот „TAIEX“ скокна за речиси 5 проценти.
Сепак, јужнокорејскиот индекс „Kospi“ не го следи овој тренд и бележи пад од 0,6 проценти.

Кина ги отфрла наводите за шпионска афера
Во меѓувреме, Кина ги отфрли тврдењата дека го шпионирала извршниот директор на „Нвидиа“, нарекувајќи ги обвинувањата „неосновани“.
„Веќе се изјаснивме за ова прашање претходно. Приказната за таканаречен кинески шпион претставува целосно неосновано оцрнување и клеветење“,
изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Кина, Гуо Џиакун, на редовен брифинг за новнарите, пренесе Асошиејтед прес (АП).
Случајот го искоментира и американскиот претседател Доналд Трамп, кој вчера го нарече извршниот директор на „Нвидиа“, чесен човек и го пофали неговиот придонес за Соединетите Држави. Трамп додаде дека не разговарал со Џенсен Хуанг за наводите за негова поврзаност со кинеска бизнисменка која пренесувала информации до Пекинг.
„Не разговарав со него за тоа. Знам само дека е добар човек, но никогаш не се знае што се случува. Се надевам дека сè е во ред“,
изјави Трамп, пренесе Ројтерс.
Инаку, веста за скандалот се совпадна со откажувањето на посетата на Јужна Кореја од страна на ќерката на Хуанг, Медисон Хуанг, која е висок директор во „Нвидиа“.
Јужна Кореја: Проблемите во „Нвидиа“ нема да влијаат на испораките на графички процесори
Јужна Кореја очекува договорените испораки на графичките процесори на „Нвидиа“ да продолжат без прекин, и покрај контроверзноста околу главниот извршен директор на компанијата изјави денеска заменик-министерот за наука на Јужна Кореја.
Заменик-министерот за наука и информатички и комуникациски технологии, Рју Џемјунг, пред парламентарната буџетска комисија изјави дека 10 000 графички процесори, финансирани од дополнителниот буџет за 2025 година, веќе се пристигнати и се во употреба.
„Очекуваме дека распоредот за производство и испорака на договорените количини ќе се одвива без тешкотии“,
рече Рју, додавајќи дека министерството внимателно го следи развојот на настаните и разговара за цените и роковите со јужнокорејската филијала на „Нвидиа“.
