Не се чувствувам како престапник, кажа Михаилова во поткастот

Двесет и тригодишната Ива Михаилова, која од Кочани побегна во Бугарија, во гостување во поткаст наведе серија навреди кон Македонија и обвинувања за дискриминација кон неа.
Таа не отстапува од тврдењето дека имала потреба од лекување, за кое тврди дека не можело да се изврши во Македонија, а кое го потврдиле и докторите. Вели – несреќата за која е обвинета не се случила поради неа, оти возела со дозволена брзина, туку во нејзиното возило удриле мајстори кои работеле на викендичка на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Берово, откако влегле во нејзината сообраќајна лента.
„Тоа што сум родена во Македонија не ме прави Македонка. Јас сум Бугарка, со бугарски корени“,
кажа таа.
Михаилова, која во поткастот гостуваше со нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски лично финансирал над 90 проценти од македонските медиуми за ширење омраза против бугарскиот народ и Бугарија и оти на сите медиуми постојано се пишува против Бугарите.
Нејзиниот адвокат, пак, кажа дека македонскиот народ е „зомбиран oд утро до вечер“ против Бугарија и дека Македонците од немајкаде станале ладни кон Бугарите.
Поткастот отиде дотаму што гостите оценија дека Србија ја управува земјава и дека Македонија свесно бега од Европа.
Михаилова: Не се чувствувам како престапник
Во емисијата беа адресирани и обвинувања кон македонските институции. Михаилова тврди дека наводно обвинителот ѝ барал поткуп. Тврди дека ѝ била предложена одредена сума за да признае вина и да помине со условна казна. Сепак, не сакаше да каже колку пари ѝ биле побарани ниту понуди доказ за тоа.
Таа вели дека ѝ претстои долго лекување, како и дека била одбивана за лекување во Македонија во неколку наврати.
Кажа и дека била следена и снимана од службите во Македонија. Подоцна во поткастот, таа посочи и дека два месеци пред да замине, службите сакале да се поврзат со неа со цел да се откаже од „бугарското во себе“, да запре со изјавите и оти ако го направи тоа – ќе ја пуштат на лекување во Бугарија. Целиот поткаст можете да го погледнете на видеото во продолжение.
Против Михаилова, жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, се води постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици која се случи минатата година на експресниот пат Кочани – Штип. Во текот на процесот таа тврдеше дека е жртва на дискриминација поради тоа што има двојно македонско и бугарско државјанство и дека не ѝ се дозволува заминување на лекување во Бугарија.
Михаилова се бара со меѓународна потерница
Бугарските медиуми на 12 октомври објавија дека Михаилова се наоѓа во Бугарија, иако претходно ѝ биле одземени двата пасоша, како дел од превентивните мерки со кои требало да се спречи нејзино заминување од државата.
Во изјава за бугарската БТВ, таа рече дека одлучила да замине за Бугарија поради влошената здравствена состојба, како и дека тоа го сторила со своите документи за лична идентификација. Според македонското МВР, не е евидентиран легален излез на Михаилова од државава, ниту легален влез во Бугарија, а истото важи и за адвокатот Николај Димитров, кој тврдеше дека ја придружувал.
Засега не се знае на кој начин Михаилова ја поминала границата меѓу Македонија и Бугарија, односно како излегла од државава и влегла во Бугарија, а одговорот се очекува да го даде истрагата што ја спроведува Министерството за внатрешни работи.
Откако било утврдено дека не се јавила во полиција и не била пронајдена на домашната адреса, Основниот суд Кочани на предлог на кочанското Основно јавно обвинителство на Михаилова ѝ одреди притвор, по што по неа беше распишана меѓународна потерница.
