Од Министерството за одбрана велат дека сите финансиски обврски кон поранешни и актуелни припадници се целосно подмирени, како и дека организаторите на протестот шират невистини. Додаваат дека досега имале соработка со другите претставници на синдикалните здруженија, a барањата за ретроактивна исплата на повисоки опремнини, е противзаконска

Денеска пред Владата се одржа протест во организација на Независниот синдикат на професионални војници и Координативниот тело на пензионираните припадници на Армијата.
Тие обвинуваат дека Министерството за одбрана ги игнорира нивните долгогодишни проблеми – договорите на определено време и нееднаквиот третман на пензионирани старешини.
Од независниот синдикат на професионални војници, освен договори на неопределено време, побараа и зголемени плати.
„Поднесовме закон во Собранието следните седум години да нема нови вработувања, со тоа би се заштедиле од 10 до 12 милиони евра во буџетот на Министерството за одбрана со што ќе се обесштетат поранешните пензионирани војници. Освен тоа и сегашните професионални војници ќе добијат договор на неопределено време и право на пензија“,
изјави Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници.
Поранешните професионални војници, алармираа на големите разлики во исплатата на отпремнина по законските измени и бараат еднаков третман за сите пензионирани војници, без разлика кога заминале во пензија.

„Од оваа страна на сликата сме ние пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од друга страна се оние кои се пензионирале после тоа. Погледнете ги разликите во сумите. Пример ако некој генерал тогаш земал три илјади евра како отпремнина, сега таа сума изнесува дваесет и пет илјади евра“,
вели Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата.
Од Министерството за одбрана велат дека сите финансиски обврски кон поранешни и актуелни припадници се целосно подмирени, како и дека организаторите на протестот шират невистини.
Додаваат дека изминатиот период имале соработка со другите синдикати во однос на подобрување на условите, a барањата за ретроактивна исплата на повисоки опремнини, е противзаконска.
