„Филипче и неговите партнери, од петни жили се обидуваат сликите од немирите во другите држави да ги пренесат во Македонија, нешто што не им успева, бидејќи граѓаните ја препознаваат стабилноста во државата“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на денешната прес-конференција
Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција денеска, се осврна на обвинувањата што доаѓаат од владејачката партија, оценувајќи дека со „наредбите до Обвинителството“ и заканите премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја попречува правдата во случајот со Алта банка
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска ги обвинија лидерот на СДСМ, Венко Филипче и, како што велат, неговите партнери во партијата, дека свесно шират лаги и манипуалции за случајот со Алта банка.

Според пратеникот Бране Петрушевски, кој на прес-конфренција го изнесе ставот на својата партија, случај Алта банка не постои во Македонија, туку во друга држава.
„Филипче и неговите партнери, од петни жили се обидуваат сликите од немирите во другите држави да ги пренесат во Македонија, нешто што не им успева, бидејќи граѓаните ја препознаваат стабилноста во државата“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој преку серија прашања сугерира дека Филипче и СДСМ се гласни во врска со Алта банка, бидејќи наводно бизнисмен близок до поранешниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев е веќе подготвен да ја купи банката по „багателна цена“.
„Зошто Филипче и СДС се толку гласни за Алта банка? Чека ли спремен бизнисмен близок до Заев за багателна цена да ја откупи банката? Инаку, зошто би сакале СДС да пропадне некоја банка, по стилот на Еуростандард?“,
наведе Петрушевски на прес-конференцијата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во име на партијата го повика Јавното обвинителство да постапи по допрен глас и да ги повика на информативен разговор, како што рече, сите оние што се обидуваат да го урнисаат уставниот поредок на државата.
Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција денеска, се осврна на обвинувањата што доаѓаат од владејачката партија, оценувајќи дека со „наредбите до Обвинителството“ и заканите премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја попречува правдата во случајот со Алта банка.
Поповиќ го обвини Мицкоски дека директно се меша во работата на Обвинителството, испраќајќи наредби од владината говорница кого да гони и за кое дело, а истовремено упатува закани кон СДСМ затоа што ја отвора вистината за Алта банка.
„Не одредува Мицкоски каде смее, а каде не смее да истражува обвинителството во врска со Алта банка. Има закон, има обвинителство и суд. Тие мора да одлучуваат, да делуваат, да обезбедат правда. За Алта банка мора да има независна истрага и одговорност за сите за кои ќе се утврди дека го прекршиле законот. Почнувајќи од Мицкоски, Славески и Кочовска, па потоа сите по ред“,
рече Поповиќ.

Идентични пораки денеска упати и нејзината сопартијка и портпаролка, Богданка Кузеска која го повика државниот јавен обвинител Ненад Савески веднаш да отвори истрага против премиерот, гувернерот и против министерката за финансии Гордана Димитриоска-Кочоска, а во која, како што рече, треба да биде вклучено и Европското обвинителство.
