Точните термини во кои ќе се вршат техничките активности, услугите што ќе бидат опфатени и времетраењето на евентуалните ограничувања ќе бидат објавени во одделните известувања на банките до нивните клиенти
Банките во земјава во текот на претстојниот викенд ќе спроведуваат планирани технички приспособувања на своите системи поради подготовките за примена на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои стапуваат во сила во понеделник, 9 ноември. Во овој период е можно да има привремени прекини или ограничена достапност на одредени банкарски услуги, особено при извршувањето платежни трансакции, информираат од Македонската банкарска асоцијација.

Техничките активности, како што велат оттаму, се поврзани со претходно најавените регулаторни промени, кои опфаќаат нови платни налози, шифри за целта на плаќањето и користење на платежните сметки во ИБАН-формат.
„Целта на приспособувањата е да се обезбеди непречено спроведување на новините во секојдневното користење на платежните услуги“,
се вели во соопштението од Асоцијацијата.
Точните термини во кои ќе се вршат техничките активности, услугите што ќе бидат опфатени и времетраењето на евентуалните ограничувања ќе бидат објавени во одделните известувања на банките до нивните клиенти.
Од Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите редовно да ги следат официјалните известувања од своите банки, а доколку имаат плаќања што треба да ги извршат во текот на викендот, да ги планираат навреме.
Се посочува и дека постојните броеви на платежните сметки остануваат непроменети.
Приспособувањето на нивниот приказ и користењето на сметките во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство ќе го спроведат самите банки.
