Сиљановска-Давкова изразила очекување дека интензивирањето на македонскиот пристапен процес и интеграцијата на регионот ќе биде приоритет на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија, особено за време на претседателствувањето на Грција и Италија, како пријатели на Западен Балкан

И покрај блокадата во пристапниот процес, солидното ниво на усогласеност на нашето законодавство со правото на Европската Унија и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја потврдуваат македонската посветеност на евроинтегративниот процес. Ова го изјавила претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“. Работната средба, како што информираат од кабинетот на претседателката, била посветена на регионалната соработка и европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
На средбата со Ирена Андраси од Хрватска, Јоанис Враилас од Грција, Балинт Одор од Унгарија, Винченцо Челесте од Италија, Јурај Ноциар од Словачка и Владимир Бертл од Чешка, Сиљановска-Давкова им се заблагодарила за поддршката.
Како дополнителна потврда за македонската посветеност на евроинтегративниот процес, претседателката го посочила забрзаното спроведување на Реформската агенда, наведено и во овогодишниот извештај на Европската комисија.
Сиљановска-Давкова изразила очекување дека интензивирањето на македонскиот пристапен процес и интеграцијата на регионот ќе биде приоритет на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија, особено за време на претседателствувањето на Грција и Италија, како пријатели на Западен Балкан.
