Од републичкото Јавно обвинителство потврдија дека е во тек акција чија цел е обезбедување докази во врска со кривични дела изнуда, перење пари и несовесно работење во службата
Според неофицијалните информации, активностите се насочени кон разбивање организирана криминална група од кумановското подземје што подолг период се занимавала со изнуда, лихварство, перење пари, закани и уцени
Полициски екипи од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) од утрово вршат претреси на повеќе локации во нова акција координирана од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Од републичкото Јавно обвинителство потврдија дека во тек е акција чија цел е обезбедување докази во врска со кривични дела изнуда, перење пари и несовесно работење во службата.
Дополнителни детали од Обвинителството засега официјално не соопштуваат. За нив, велат оттаму, ќе информираат по целосното завршување на акцијата.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција координира дејствија на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР. Врз основа на наредби обезбедени од надлежното јавно обвинителство се вршат повеќе претреси за обезбедување докази во врска со кривични дела изнуда, перење пари и други приноси од казниво дело и несовесно работење во службата. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Претходно, дел од медиумите објавија дека засилено полициско присуство утрово е забележно во Куманово, каде наводно е концентрирана акцијата на МВР и ОЈО ГОКК. Според неофицијалните информации, активностите се насочени кон разбивање на организирана криминална група од кумановското подземје што подолг период се занимавала со изнуда, лихварство, перење пари, закани и уцени.
Во рамките на акцијата, според првичните неофоцијални информации, наводно, покрај во објкети поврзани со членови на криминалната група, се вршат претреси и во нотарска канцеларија и менувачници поради сомнежи за можна поврзаност.
Според информациите на дел од медиумите, досега во претресите биле пронајдени и запленети пари, возила и документи.
