Според пријавата, тој во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, ги злоупотребил овластувањата на друштвото и противправно присвојувал средства наплатени од граѓани и правни лица при регистрација на возила. Станува збор за средства кои биле наменети за уплата на јавни давачки кон повеќе институции
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против управител на друштво за технички прегледи на моторни возила, кој се сомничи дека во период од четири години противправно присвоил над 41,5 милиони денари од средства наплатени при регистрација на возила.

Пријавата против М.Н. е поднесена до Основното јавно обвинителство Тетово поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“ по член 354 од Кривичниот законик.
Според пријавата, тој во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, ги злоупотребил овластувањата на друштвото и противправно присвојувал средства наплатени од граѓани и правни лица при регистрација на возила. Станува збор за средства кои биле наменети за уплата на јавни давачки кон повеќе институции.
„На овој начин, на правниот субјект му прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 41 518 042 денари, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата“,
велат од Управата.
За да ги прикрие трагите од кривичното дело, како што додаваат од Финансиката полиција, осомничениот во текот на 2022 и 2024 година извршил и противправен отпис на јавни давачки во износ од 17 090 623 денари, при што во сметководствената евиденција го намалил долгот кон наведените субјекти и прикажал помал износ на обврски по основ на јавни давачки.
