На сопственикот на Алта банка му се става на товар дека ја злоупотребил својата положба и од трезорот на банката изнел пари во вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра
Вишиот суд во Белград му одреди притвор од 30 дена на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и на уште двајца вработени во банката, осомничени во случајот со изнесувањето пари од трезорот на финансиската институција.

Како што пренесува српски „Н1“, повикувајќи се на информации од судот, притворот за Мацура и двајцата вработени, со иницијали Г. М. и И. П., е одреден поради опасност дека би можеле да влијаат врз сведоци и да го повторат кривичното дело во краток временски период.
За Мацура, пак, дополнителна причина е и опасноста од бегство.
Тој е осомничен за злоупотреба на положбата на одговорно лице, додека двајцата вработени во банката, директорот на Одделот за трезор и управување со готовина и соработникот за трезорско работење, се сомничат дека му помогнале во извршувањето на кривичното дело.
На Мацура му се става на товар дека ја злоупотребил својата положба и од трезорот на банката изнел пари во вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра.
Двајцата вработени се осомничени дека му овозможиле неовластен пристап до трезорот, меѓу другото, преку предавање картички за влез или овозможување пристап со нивно присуство.
Мацура беше уапсен на 2 ноември, а по сослушувањето пред Обвинителството за организиран криминал ја негирал вината и ги отфрлил наводите од кривичната пријава, соопшти неговиот адвокат.
Народната банка на Србија на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка.
