Од партијата велат дека и покрај законската обврска за усогласување со инфлацијата, студентите и натаму добиваат по 140 денари дневно. Според пресметките на ЛДП, земајќи ги предвид стапките на инфлација во 2023, 2024 и 2025 година, износот на студентскиот оброк во 2026 година требало да биде повисок за околу 17 отсто
Либерално-демократската партија (ЛДП) поднесе тужба до Управниот суд против Министерството за образование и наука (МОН) поради недонесување управен акт за усогласување на висината на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година.

Од партијата велат дека и покрај законската обврска за усогласување со инфлацијата, студентите и натаму добиваат по 140 денари дневно. Според пресметките на ЛДП, земајќи ги предвид стапките на инфлација во 2023, 2024 и 2025 година, износот на студентскиот оброк во 2026 година требало да биде повисок за околу 17 отсто.
Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова пред Управниот суд, каде партијата поднесе тужба против МОН, изјави дека институциите не ја исполнуваат законската обврска кон студентите и најави дека партијата ќе ја бара правдата преку судска постапка.
„Бидејќи вие не го спроведувате законот, ние ќе ја истераме правдата. Почнуваме со тужба до Управниот суд за поведување управен спор за непочитување на законот, по што ќе следи иницијатива за оценка на законитоста на исплатата на студентскиот оброк. Студентите ќе го добијат она што им следува согласно член 2 од законот“,
изјави Зајкова.
Упати критики до институциите поради тоа што не ја исполнуваат законската обврска кон студентите, посочувајќи дека средствата мора да се обезбедат за исплата на законски утврдениот износ.
„Ако има пари за Фетаи и разноразни глупости, ќе имате пари и за студентите. Законот мора да се спроведе“,
порача Зајкова.
Од ЛДП нагласија дека со тужбата бараат Министерството да биде задолжено да донесе управен акт со кој ќе ја утврди законски усогласената висина на студентскиот оброк.
Од партијата додадоа дека нема да дозволат законите да се применуваат селективно и дека студентите не треба да ги трпат последиците од непостапувањето на институциите.
