Документите најпрво ќе им бидат претставени на членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) при Европскиот парламент, по што постојаните известувачи ќе подготват посебни резолуции со ставовите и препораките на Европскиот парламент за секоја земја
Според нацрт-верзијата на годишната изјава на Европската комисија за политиката на проширување, во која имале увид од „Радио слободна Европа“ (РСЕ), напредокот во регионот останува нерамномерен. Црна Гора е оценета како лидер во процесот, додека Србија, Босна и Херцеговина и Косово не бележат напредок во таканаречените фундаментални области
Европската комесарка за проширување Марта Кос денеска ќе го претстави Пакетот за проширување за 2026 година, кој ги содржи извештаите на Европската комисија за напредокот на десет земји кандидати за членство во Европската Унија.

Во извештаите ќе биде оценето спроведувањето на реформите и напредокот на секоја од земјите на европскиот пат. Документите најпрво ќе им бидат претставени на членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) при Европскиот парламент, по што постојаните известувачи ќе подготват посебни резолуции со ставовите и препораките на Европскиот парламент за секоја земја.
Според нацрт-верзијата на годишната изјава на Европската комисија за политиката на проширување, во која имале увид од „Радио слободна Европа“ (РСЕ), напредокот во регионот останува нерамномерен. Црна Гора е оценета како лидер во процесот, додека Србија, Босна и Херцеговина и Косово не бележат напредок во таканаречените фундаментални области.
Во документот се наведува дека Црна Гора ги исполнила завршните критериуми во сите преговарачки поглавја и би можела да ги заврши пристапните преговори со ЕУ до декември 2026 година.
„Исклучителниот напредок на Црна Гора во преговорите за пристапување со ЕУ е доказ дека проширувањето сè уште е остварлива реалност“,
се наведува во нацрт-документот.
Европската комисија оценува дека Подгорица постигнала значително подобрување и во фундаменталните области, со добри резултати во владеењето на правото, економското управување и реформата на јавната администрација. Воедно, по првпат во договорот за пристапување на Црна Гора би се применил засилен пристап кон заштитните клаузули, што би можело да послужи како модел за идните договори за членство.
За разлика од Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово не постигнале напредок во фундаменталните области, кои ги опфаќаат владеењето на правото, демократските институции, реформата на јавната администрација и економските критериуми. Овие области се од особено значење бидејќи го определуваат целокупното темпо на пристапните преговори.
Во нацрт-документот се посочува и дека спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан треба да се забрза. До септември 2026 година биле исплатени 193,3 милиони евра грантови од вкупно предвидените 1,6 милијарди евра, врз основа на 90 исполнети реформски чекори. Комисијата, исто така, работи на укинување на трошоците за роаминг со земјите од Западен Балкан.
Посебно внимание во извештајот е посветено и на помирувањето. Европската комисија оценува дека историскиот ревизионизам, негирањето или величењето на воените злосторства, како и провокативната реторика, се некомпатибилни со вредностите врз кои се темели процесот на пристапување кон ЕУ.
Пакетот за проширување е еден од клучните годишни документи на Европската комисија, преку кој се оценува напредокот на земјите кандидати и потенцијалните кандидати, особено во областите на владеењето на правото, демократските институции, фундаменталните права и економските реформи. Врз основа на овие оценки, земјите членки одлучуваат за понатамошните чекори во пристапниот процес, вклучително и отворањето и затворањето на преговарачките поглавја.
Во рамки на активностите на Европскиот парламент, утре, на 5 ноември, Комитетот за надворешни работи, во соработка со Комитетот за буџети, ќе одржи дијалози за спроведувањето на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, Молдавија и Украина.
Генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување при Европската комисија, Герт Јан Коопман, ќе ги информира европратениците за спроведувањето на реформските агенди и исплатата на средствата од ЕУ.
Европската комисија се очекува да ги претстави и плановите за пристапување за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Тие треба да ги утврдат следните чекори кон членство во Унијата, преку продолжување на реформите и постепено вклучување на земјите во европските политики.
