Владејачкиот СДСМ го избриша од Фејсбук видеото во кое користеа исечоци од новинарски прилог на „360 степени“ за „напад“ на политичкиот опонент ВМРО-ДПМНЕ.
Намерата на оригиналниот новинарски производ беше да доловиме колку претставниците на двете најголеми политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) ги почитуваат препораките за заштита од ковид-19 при партиските собири. Од оригиналното видео, во СДСМ ги исекле снимките кои не одат во прилог на партијата, како на пример, како директор на јавно претпријатие од нивниот табор и неколкумина кандидати за пратеници ги прекршуваат мерките за заштита од ковид-19, а ги истакнале прекршувањата на препораките на политичките опоненти.
Набрзо откако „360 степени“ праша во СДСМ зошто партијата користи туѓ авторски труд за политички цели и тоа во нецелосен контекст од оригиналната верзија, видеото беше повлечено од Фејсбук-страницата.
Потоа ни стигна и одговор од Центарот за комуникации.
„Конкретното видео е објавено само на социјалната мрежа Фејсбук и не е дел од телевизиско платено политичко рекламирање. Откако е извршена проверка, видеото ќе биде повлечено“,
ни одговорија од Центарот за комуникации со јавност на СДСМ.
Ова не е изолиран пример. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во текот на предизборната кампања добила реакции од повеќе новинари, чии авторски труд го злоупотребиле политички партии. Но, директорот Зоран Трајчевски вели дека АВМУ не може да интервенира оти ова прашање е регулирано единствено со Законот за авторското право и сродните права. Според Законот, авторските дела не смеат да се користат без согласност од новинарите.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, вели дека ниту една политичка партија или актер не смее да го (зло)употребува новинарскиот труд и содржини за политички цели. Секоја интервенција во таа смисла, според неа, може да се разбере како директен атак врз слободата на изразување и како директно мешање во интегритетот на професијата.

„Иако искуството на долгогодишна инструментализација на медиуми за политички цели создаде навики кај некои политичари да се ‘послужат’ со нив според диктатот на нивната волја, сепак мора да им биде јасно дека новинарските содржини не се ‘оружјето’ коешто треба да го употребуваат во меѓусебните пресметки. Впрочем, каква порака би оставиле оние што претендираат да се носители на јавни функции и од коишто се очекува да учествуваат во демократизацијата на општеството?“
вели Тунева.
Изборната кампања трае до недела на полноќ. За новинарите тоа значи дополнителен ангажман за на јавноста точно и навремено да и ги пренесат пораките на политичките актери. (Зло)употребата на нивниот труд секако не помага во таа мисија.