Премиерот со претставници на Германската стопанска комора разговарал за проширување на инвестициите и капацитетите на компаниите што работат или се заинтересирани да инвестираат во Македонија, со што, како што додаде, би се зголемил и бруто-домашниот производ на македонската економија
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека за време на денешната посета на Германија остварил средби со претставници на „Дојче телеком“ и Германската стопанска комора, на кои се разговарало за можностите за нови инвестиции и проширување на постојните бизниси во земјава.

Мицкоски, во видеообраќање од Диселдорф, информира дека во рамки на денешната агенда во Бон имал средба со раководството на „Дојче телеком“, при што биле разгледани можностите за дополнителни инвестиции на македонскиот телекомуникациски пазар, но и во други области.
Според него, разговорите опфатиле потенцијални вложувања во здравството, паметните технологии и други индустрии кои би донеле поголема додадена вредност за економијата.
„Она коешто денеска го разговаравме со главниот директор на ‘Дојче Телеком‘ се нивните потенцијални дополнителни инвестиции во Македонија, на македонскиот телекомуникациски пазар, но тука не се ограничивме. Зборувавме и за потенцијални инвестиции на ‘Германскиот Телеком‘ во други области како што се здравството, паметната технологија и друг тип на индустрии коишто ќе донесат голема додадена вредност за македонската економија и на тој начин ќе го зголемат присуството на ‘Германскиот Телеком‘ во Македонија, но и во регионот“,
вели Мицкоски во видеообраќањето.
Премиерот остварил средби и со претставници на Германската стопанска комора, на кои присуствувале компании што веќе инвестираат во Македонија, но и фирми заинтересирани за влез на македонскиот пазар.
„Разговаравме за досегашните нивни искуства, како да ги направиме нивните инвестиции поуспешни, но истовремено зборувавме и за зголемување на нивните инвестиции и капацитети, со што исто така би се зголемил и бруто-домашниот производ на македонската економија“,
рече тој.
Оцени дека денот бил успешен и најави дека посетата на Германија продолжува и утре.
