Еден од случаите е кај странски, а три кај македонски државјани. Домашните случаи се регистрирани во Велес, Штип и во Скопје кај две бебиња под 12 месеци и кај лице на возраст над 40 години. Станува збор за невакцинирани лица
Четири случаи на морбили се потврдени во државава, од кои еден кај странски и три кај македонски државјани – информира денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Домашните случаи се регистрирани во Велес, Штип и во Скопје кај две бебиња под 12 месеци и кај лице на возраст над 40 години. Станува збор за невакцинирани лица.

Клековски вели дека Институтот и центрите за јавно здравје во моментов прават епидемиолошки анализи за евентуалната поврзаност на случаите. Резулатите, како што рече, ќе бидат објавени многу наскоро.
„Во моментов нема услови за прогласување на епидемија. Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и во Бугарија, е повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Граѓаните да се вакцинираат, да проверат дали имаат две дози на вакцината или дали ја прележале болеста. Ова посебно го апелирам до здравствените работници да го направат, бидејќи тие се во контакт и се најризични. Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и нив треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината“,
изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Министерот апелира граѓаните кои имаат симптоми како температура и осип прво телефонски да се јават на лекар наместо да одат во здравствена установа, поради високата заразност и можноста за пренесување на вирусот. Изготвени се упатства за градинките и училиштата, како и протоколи за граничните премини, информира Клековски, и апелира граѓаните да го проверат својот вакцинален статус пред да патуваат во Косово или во Бугарија.
„Во комуникација сме со Косово, од каде што е заразениот странски државјанин. Тројцата македонски државјани не патувале во странство и затоа се испитуваат можностите за поврзаност во Македонија. Едното бебе беше хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, отпуштено е на домашна нега. Издадовме наредба на Клиниката за детски болести да се подготвува за прифаќање вакви случаи, затоа што Инфективната клиника не е оспособена за третман на бебиња. Комисијата за заразни болести веќе заседава“,
изјави Клековски.
Министерот информира дека во моментов на залиха има 14 000 дози вакцини, а постои можност за зголемување на количините. Кога се прогласувани епидемии во минатото, вели, се употребени околу 50 000 вакцини.
