Од гимназијалците се очекува да ја објаснат разликата меѓу биолошкиот пол и улогите што општеството им ги припишува на жените и мажите, а во програмата е изоставен токму поимот со кој се објаснува таа разлика, посочуваат од Институтот
„360 степени“ во четвртокот објави дека изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование е преименуван во Здравје и заштита на здравјето, при што од програмата се избришани термините род и контрацепција. Од МОН негираат дека тоа го направиле под притисок на црквата

Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје побара од Министерството за образование и наука (МОН) и од Бирото за развој на образованието да го вратат поимот „род“ во наставната програма за изборниот предмет „Здравје и заштита на здравјето“. Пред да почне примената на програмата во гимназиите, Институтот бара во неа да се вратат и поимите „родова рамноправност“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“ и нивното значење да се објасни во воведниот дел.
Од Институтот го поздравуваат воведувањето содржини за здрави и безбедни врски, репродуктивно здравје, согласност и сексуално насилство. Забелешката ја илустрираат со пример од првата тема, „Рамноправност“. Од учениците се бара да објаснат по што биолошките карактеристики на полот се разликуваат од општествените очекувања за тоа како треба да се однесува поединецот. Токму за да ја објасни таа разлика, посочуваат од Институтот, стручната литература со која се образуваат идните наставници ги користи поимите „пол“ и „род“.
„Ревизија што одговара на оспорувањето со бришење на поимот не го решава проблемот, туку го пренесува врз наставниците и учениците, кои остануваат без јазикот за појавите што програмата сепак бара да ги анализираат. Одговорот на оспорувањето е јасно, прецизно и возрасно соодветно дефинирање на поимот во самата програма“,
се вели во реакцијата.
Институтот укажува и на разликата меѓу јазикот на програмата и оној што го користат законите. Како пример го посочува Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој полот, родот и родовиот идентитет се наведени како одделни основи за дискриминација. Во две од темите, додаваат оттаму, гимназијалците ќе учат за партнерско, семејно и сексуално насилство без да го сретнат поимот „родово базирано насилство“, кој се користи во домашното законодавство и во Истанбулската конвенција.
Од МОН и од Бирото бараат да отворат консултации со академската заедница. Институтот нуди да учествува во подготовката на дефинициите и на прирачникот за наставници, во обуката на наставниот кадар и во оценувањето на резултатите по првата година од примената на предметот.
Што покажа споредбата на двете програми

„360 степени“ на 31 октомври објави дека новата програма го задржала истиот број часови и теми како повлечената програма за „Сеопфатно сексуално образование“. Споредбата, сепак, покажа дека првата тема, која претходно ги опфаќаше родот и родовата рамноправност, сега се вика само „Рамноправност“. Избришан е и терминот „контрацепција“, а во лекцијата за бременост наместо за методи на контрацепција се зборува за заштита од несакана бременост.
МОН ја повлече претходната програма на почетокот на септември, неколку дена откако епископот Јаков Стобиски во отворено писмо ја обвини министерката Весна Јаневска дека како министерка ја брани „родовата идеологија“ на која ѝ се спротивставувала од опозиција. По повлекувањето, Јаневска изјави дека ја прочитала програмата и дека во неа нема ништо спорно. На прашањето на „360 степени“ зошто тогаш се направени измени, од МОН одговорија дека ги зеле предвид забелешките од јавноста и од стручни лица, меѓу кои и претставници на Комората на психолози. Министерството отфрли дека програмата била сменета поради реакција на верска заедница.
