Барањето одржување надзорна расправа е доставено од претседателката на собраниската комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска. Со расправата, пратениците на СДСМ ќе бараат одговори за улогата на Народната банка и за, како што велат, институционалната одговорност за измамата на граѓаните
Пратеничката група на опозицискиот СДСМ достави барање за надзорна расправа во парламентот во врска со последните случувања со Алта банка. Во рамките на расправата, пратениците на СДСМ ќе бараат одговори за улогата на Народната банка и за, како што велат, институционалната одговорност за измамата на граѓаните.

Барањето е доставено од претседателката на собраниската комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, а во него се наведува:
„Со цел да се добијат информации и стручни мислења во врска со настаната состојба со Алта банка АД Битола и воведувањето на на адмистрација од страна на НБРМ врз истата, поднесуваме иницијатива за одржување Надзорна расправа на тема: ‘Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност за измамата на граѓаните’“.

Дека СДСМ ќе поднесе барање за надзорна расправа во Собранието во врска со случувањата во Алта банка претходно денеска најави партискиот лидер Венко Филипче, додавајќи дека партијата ќе поднесе и интерпелација за работата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
