Разликата во излезната анкета што ја објавува „Дневник.бг“ се намали од 19,2 процентни поени утринава на 6,3 во пресекот до 17:30 часот
Андреј Ѓуров ја намалил предноста на Илијана Јотова на 6,3 процентни поени во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, покажуваат податоците од излезната анкета што ја објавува „Дневник.бг“, со пресек до 17:30 часот по бугарско време (16:30 ч. по македонско).

Јотова има поддршка од 51,2 отсто, а Ѓуров од 44,9 отсто. За опцијата „не поддржувам никого“ се определиле 3,9 отсто од анкетираните гласачи, додека излезеноста изнесува 25,1 отсто.
Во утринскиот пресек до 10:30 часот, Јотова имаше 56,8 отсто, а Ѓуров 37,6 отсто, односно разлика од 19,2 процентни поени. До 14:30 часот предноста се намали на 8,2 процентни поени – со 52,4 отсто за Јотова и 44,2 отсто за Ѓуров.
Податоците се анкетни процени додека гласањето сè уште трае, а не официјални изборни резултати. Гласањето завршува во 20 часот по бугарско, односно во 19 часот по македонско време, со можност за продолжување ако пред избирачките места има граѓани што чекаат да гласаат.
