Фотографии и видеа од редиците пред банката во центарот на Битола објавија неколку медиуми и локалната организација на СДСМ во градот

Граѓани на Битола може да се забележат пред експозитурата на Алта банка во градот како се обидуваат да повлечат пари од банкоматот откако излегоа информациите дека српската Алта банка, која е мнозински сопственик на македонската, ја загубила лиценцата за работа.
Фотографии и видеа од редиците пред банката во центарот на Битола објавија неколку медиуми и локалната организација на СДСМ во градот.
На објавите може да се види дека на скалите пред банката има десетици граѓани кои со чадори чекаат во ред за да извадат пари.
Од СДСМ Битола, преку објава на нивната фејсбук-страница, велат дека меѓу комитентите во битолската експозитура се појавила загриженост за сигурноста на нивните средства.
„Денешните случувања отвораат сериозни прашања за довербата и сигурноста на граѓаните. Ваквите информации и реакциите на граѓаните можат дополнително да ја нарушат довербата во банкарскиот систем. Затоа, неопходни се навремени и јасни одговори од надлежните институции“,
велат од СДСМ Битола.
Велат и дека граѓаните што ги довериле своите заштеди на оваа банка заслужуваат јасни информации, транспарентност и гаранции за сигурноста на нивните средства.
По објавата на српската Народна банка дека се одзема лиценцата на Алта банка АД Белград, на социјалните мрежи и кај српските медиуми се појавија фотографии и видеа од Нови Сад на кои се гледа дека и таму граѓани чекаат во ред и се обидуваат да подигнат пари од банкоматите на банката.
