Измамата се одвивала во периодот од декември 2025 година до април 2026 година. Пријавените користеле канал на мобилна апликација со неколку стотици претплатници, каде што ветувале добивки од инвестирање кои никогаш не биле реализирани

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против 56-годишната М.К. од Битола и 38-годишниот А.С. од Естонија. Тие се осомничени за кривично дело измама од член 247 од Кривичниот законик откако навеле голем број граѓани да инвестираат во лажна интернет-платформа нанесувајќи им значителна финансиска штета.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека измамата се одвивала во периодот од декември 2025 година до април 2026 година. Пријавените користеле канал на мобилна апликација со неколку стотици претплатници, каде што ветувале добивки од инвестирање кои никогаш не биле реализирани.
Иако до Секторот официјално пристигнале пет пријави од оштетени граѓани, анализите на трансакциската сметка на првопријавената покажале дека жртви на оваа шема се стотици граѓани од целата држава, од кои поголемиот дел сè уште го немаат пријавено случајот.
До откривањето на идентитетот на сторителите довела повеќемесечна истрага во која учествувале повеќе домашни и странски институции преку меѓународна размена на информации.
Со првопријавената битолчанка бил извршен информативен разговор, а биле одземени електронски уреди користени за комуникација. Со форензичка анализа и екстракција на податоците било потврдено кривичното дело.
Од МВР велат дека преку стручна анализа на криптотрансакциите и соработка со меѓународни безбедносни платформи, биле обезбедени целосни податоци за сопственикот на криптопаричникот.
Поради зачестеноста на ваквите случаи, Секторот за компјутерски криминал упати апел до сите граѓани да бидат претпазливи и да не веруваат на ветувања за брза и лесна заработка преку интернет, каде што измамниците преку социјалните мрежи, лажни профили и телефонски повици нудат инвестирање во криптовалути со ветувања за високи и сигурни приноси, притоа наведувајќи ги да уплатат пари на лажни инвестициски платформи, кои можат да изгледаат целосно легитимно.
