„Гардијан“ оценува дека Путин со пофалбите за Маск можеби се обидува да му се додвори на милијардерот, чија контрола врз сателитските комуникации му дава значајна улога во воените операции на Украина и отвора прашања за неговото влијание врз американската администрација
Осврнувајќи се на руската сателитска мрежа „Расвет“, која е замислена како алтернатива на „Старлинк“, Путин призна дека проектот е во почетна фаза, додека Русија допрва треба значително да го зголеми бројот на сателити во орбитата
Рускиот претседател Владимир Путин го нарече американскиот милијардер Илон Маск индустриски гениј и откри дека Москва е во близок контакт со него за прашања поврзани со сателитските мрежи, и покрај политичките несогласувања меѓу Русија и САД, пренесува „Гардијан“.

Говорејќи за време на обиколката на изложба во рамки на самитот Русија-Африка, Путин ја спореди сателитската мрежа „Старлинк“, со која управува компанијата „Спејс икс“ на Маск, со руските напори за развој на сопствен систем за сателитски комуникации, наречен „Расвет“.
„Илон Маск е индустриски гениј. Во орбитата има повеќе од 5 000 сателити. Во близок контакт сме со нашите американски партнери, вклучително и со господинот Маск“,
изјави Путин.
Рускиот претседател нагласи дека лансирањето сателити и функционирањето на сателитските констелации во ниската Земјина орбита бараат ред и дисциплина. Според него, Москва и Вашингтон му придаваат големо значење на ова прашање и продолжуваат да соработуваат во вселенскиот сектор и покрај политичките разлики.
„Многу е важно во орбитата да не си пречиме едни на други и да одржуваме одредено ниво на дисциплина и ред“,
вели тој.
Русија развива сопствена сателитска мрежа како алтернатива на „Старлинк“
Осврнувајќи се на руската сателитска мрежа „Расвет“, која е замислена како алтернатива на „Старлинк“, Путин призна дека проектот е во почетна фаза, додека Русија допрва треба значително да го зголеми бројот на сателити во орбитата.
Посочи дека системот има висок квалитет, но дека приоритет е да се обезбедат поголем број сателити.
Според неговите податоци, во орбитата моментално се наоѓаат околу 30 сателити од оваа мрежа.
„Ова е само наш прв чекор. Горди сме што ја започнавме оваа работа самостојно. Важно е што тој чекор е направен. Квалитетот постои. Сега е важно од квалитет да преминеме на квантитет“,
кажа рускиот претседател.
„Гардијан“ оценува дека Путин со пофалбите за Маск можеби се обидува да му се додвори на милијардерот, чија контрола врз сателитските комуникации му дава значајна улога во воените операции на Украина и отвора прашања за неговото влијание врз американската администрација.
„Старлинк“ располага со илјадници сателити и обезбедува брз интернет низ голем дел од светот. Неговата улога во војната во Украина неодамна повторно се најде во фокусот по ограничувањата на воената комуникациска услуга „Старшилд“, кои влијаеја врз одредени украински операции со беспилотни летала и системи за противвоздушна одбрана.
Илон Маск претходно соопшти дека презел мерки за спречување на користењето на цивилната верзија на „Старлинк“ за воени цели преку неовластени начини.
Во меѓувреме, Русија се обидува да изгради сопствена сателитска инфраструктура за да ја намали зависноста од странски системи. Сепак, со оглед на значително помалиот број сателити во орбитата, „Расвет“ засега е во рана фаза во споредба со мрежата на „Спејс икс“.
