Ресорниот министер додаде дека освен ова се донесени и други заклучоци од работната група, кои ќе се разгледуваат едно по едно со цел да се дојде до трајно решение на проблемот
Инаку, депонијата на „Југохром“, која е вбројана во индустриските жешки точки во Македонија, има 2,2 милиони тони отпад депониран во периодот од 1963 до 2016, од кои околу 7 388 тони се шествалентен хром. Студијата изработена во 2024 година по барање на Министерството за животна средина, предлага седум можни решенија, од кои само дел се трајни
Министерот за животна средина Мухамет Хоџа вели дека ова раководство на ресорот и оваа владина гарнитура се залагаат да изнајде решение за проблемот со депонијата на „Југохром“, која е една од т.н. „жешки еколошки точки“ бидејќи се наоѓа во близина на изворот „Рашче“ од кој Скопје се снабдува со вода за пиење.

Ресорниот министер, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, во врска со темата со јаловината од „Југохром“, што се актуализира изминатите месеци, рече дека решавањето на проблемот со депонијата бара сериозен пристап, стручни анализи и решенија кои нема да создадат дополнителни ризици по животната средина за изворот Рашче.
„Јас сум министер од пред неколку месеци и ова раководство на министерството и оваа влада навистина се залагаат за решавање на тој проблем“,
изјави Хоџа.
Во таа насока, министерот рече дека уште во првите недели од доаѓањето на функцијата му била презентирана студијата подготвена од Градежниот институт на Македонија (ГИМ), врз основа на која, според него, ќе се преземаат следните чекори за решавање на проблемот со депонијата.
Студијата, како што посочи, е нарачана од Министерството и е изготвена во 2024 година.
„Врз основа на таа студија се преземени наредните чекори бидејќи треба на јавноста да ѝ објасниме дека станува збор за депонија која со децении постои во Јегуновце и никогаш не е преземен никаков чекор“,
рече министерот.
За студијата, вели, ја информирал Владата на седница, на која биле донесени заклучоци и формирана работна група од претставници од повеќе министерства и експерти кои работат на изнаоѓање најдобро можно решение.
Според него, има готов проект за поставување ограда, а се очекува во скоро време да се финализира и финансиската конструкција за да се започне со нејзино поставување.
Ресорниот министер додаде дека освен ова се донесени и други заклучоци од работната група, кои ќе се разгледуваат едно по едно со цел да се дојде до трајно решение на проблемот.
„Ако другите го заборавиле, ние нема да го заборавиме и заедно со сите други ‘жешки точки’ ќе го решиме и проблемот со депонијата на ‘Југохром’, како приоритет“,
изјави Хоџа.
Деценски проблем, кој никако да се реши
Инаку, депонијата на „Југохром“, која е вбројана во индустриските жешки точки во Македонија, има 2,2 милиони тони отпад депониран во периодот од 1963 до 2016, од кои околу 7 388 тони се шествалентен хром, објави новинската агенција Мета во април годинава. За истиот проблем, пред три години сторија објави и „360 степени“, а според она што се објавува изминатите неколку месеци и ситуацијата тогаш, малку работи, или речиси ништо не е сменето со депонијата која е оставина од работењето на Хемиско-електрометалуршкиот комбинат „Југохром“ од тетовско Јегуновце.
Новинските објави изминатите месеци дојдоа по реакцијата на невладината „Еко-свест“ за опасноста од одложувањето на изнаоѓањето трајно решение за депонијата, која се наоѓа на само 50 метри од реката Вардар и на 80 метри до карстниот аквифер кој го прихранува Рашче, извор на пивка вода кој е од стратегиски државен интерес.

Студијата изработена во 2024 година по барање на Министерството за животна средина, предлага седум можни решенија, од кои само дел се трајни. Дел од решенијата се однесуваат на третман на отпадот на самата локација. Тие се оценуваат како најбрзи и најевтини, но и краткотрајни. Предложено е и преместување на отпадот локално, регионално или на некоја друга локација во државата, а меѓу најскапите, но и најдолгорочни решенија е изнесување на шествалентниот хром надвор од земјата. Решението за покривање на депонијата и инсталација на дренажи, кое би чинело околу 20 милиони евра, не нуди долгорочно решение, но може да обезбеди дополнително време за имплементација на трајно решение. Преместувањето на депонијата, пак, на блиска локација на која ќе се направи и физичка изолација на отпадот и спречување да се меша со подземните води е подолготрајно решение, кое, според студијата, би чинело 54 милиони евра и би можело да се реализира за пет до шест години. Проблем, во случајот, е што иако обезбеден, отпадот и понатаму ќе остане во заштитената зона на Рашче. Дислокацијата, пак, надвор од државата е трајно решавање на проблемот, но проценката е дека тоа би чинело околу 90 милиони евра.
Од невладината „Еко-свест“ реагираа и пред речиси две недели, барајќи Министерството за животна средина да преземе мерки за решавање на проблемот со „Југохром“.
„По актуализирањето на ризикот од токсичната депонија со 6-валентен хром во Јегуновце да го загади изворот за вода Рашче, Владата на Република Македонија одлучи да преземе мерки за спречување на загадувањето. Во моментов постои донатор кој може преку грант да го финансира првиот чекор – санирање на пречистителната станица и подготвителни активности за расчистување на депонијата со шествалентен хром. Но, за да се отвори можноста за финансии, потребно е министерот да ја достави потребната документација. Рокот е краток!“,
објавија од „Еко-свест“ на 13 октомври.
Оттаму побараа министерот за животна средина итно да ги достави потребните документи за да не се испушти можноста за финансирање на овој проект, бидејќи станува збор за прв чекор кон трајно решавање на проблемот.
