Во делот на земјоделството, лидерот на СДСМ најавува амандман за исплата на заостанатите субвенции за 2024 и 2025 година, во вкупен износ од 1,1 милијарда денари. Дополнително, партијата бара 417 милиони денари за интервентна поддршка за производителите на јаболка, грозје, пченица и пиперки
Пред почетокот на амандманската расправа во Собранието за вториот ребаланс на Буџетот за оваа година, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, обвини дека во Буџетот недостигаат речиси една милијарда евра, а за неговата, како што рече, катастрофална состојба во која се наоѓа и лошо менаџирање – ја обвини Владата.

„Нема поголем доказ за лошото менаџирање на буџетот, финансиите и економијата од страна на Мицкоски од овој втор ребаланс. Но, што претставува овој ребаланс како акт, како чин, кога не носи подобар стандард за граѓаните? Нема пари за повисоки плати, нема фискална стабилизација, нема капитални инвестиции, напротив, тие се кратат. Ова е ребаланс со кој се прави задолжување за трошење, односно со кој ќе се пополнуваат дупките во Буџетот. Тоа е тотален дебакл и практично признание дека сè е промашено при конструирањето на овој Буџет“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Тој додава дека дополнително недостигаат уште една милијарда евра во ПИОМ, поради што, како што рече, се овора прашањето каде и од кои извори во следниот период ќе се исплаќаат платите и пензиите.
„Со јулскиот ребаланс дефицитот беше зголемен за околу седум милијарди денари со образложение дека тие пари ќе одат за капитални инвестиции. Сега, сумата за капитални инвестиции се крати и се враќа на првично предвиденото ниво, а дефицитот останува седум милијарди денари над почетниот план. На приходната страна нема поголем доказ за лошото планирање. Во јули Владата ја зголеми проекцијата на 379,5 милијарди денари, а сега ја намалува на околу 374 милијарди денари. Јавниот долг расте и ќе достигне 12 милијарди евра. Со долговите на јавните претпријатија, пред сè на Јавното претпријатие за државни патишта, долгот ќе надмине 63 отсто од бруто-домашниот производ. Нашата економија нема капацитет да го издржи овој огромен јавен долг“,
вели Филипче.
Најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе неколку амандмани во врска со вториот буџетски ребаланс, а еден од нив се однесува на зголемување на минималната плата на 36 000 денари. Меѓу предлозите на СДСМ е и зголемување на сумата за субвенциониран студентски оброк од 140 на 200 денари. Буџетската импликација за оваа намена, според опозицискиот лидер, би изнесувала 200 милиони денари. СДСМ бара и дополнителни 10 милиони денари за Националната стратегија за млади, со цел да се создадат подобри услови младите да останат во земјата.
Во делот на земјоделството, Филипче најавува амандман за исплата на заостанатите субвенции за 2024 и 2025 година, во вкупен износ од 1,1 милијарда денари. Дополнително, партијата бара 417 милиони денари за интервентна поддршка за производителите на јаболка, грозје, пченица и пиперки.
„Го пренесувам предупредувањето на земјоделците од моите средби со нив – следната година нема да има земјоделство. Луѓето нема да се занимаваат со ова. Немаат пари и средства за вложување и знаат дека со ваква незаинтересирана власт, што и да произведат следната година, ќе се соочат со истиот однос – ниски цени, неисплатени субвенции и немање откуп. Огромни количества од овогодишниот род скапуваа на нивите затоа што немаше откуп. Не само што откупните цени беа ниски, туку воопшто немаше откуп“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Преку амандманите, СДСМ ќе предложи поддршка и за лицата со попреченост, за градинките, за здравствената заштита, за инвестициите во индустријата и за Сојузот на борците.
