Од Министерството велат дека веќе преземаат активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот

Наследени проблеми што се акумулирале повеќе години, а некои од нив и повеќе од една деценија, а се наследени од поранешното Министерство за информатичко општество. Вака од Министерството за дигитална трансформација (МДТ) одговараат на забелешките што беа објавени во денешниот ревизорски извештај за основниот буџет на МДТ за 2024 година.
Во ревизорскиот извештај се вели дека дел од главните наоди се набавки без тендер, непополнети работни места, неосигурени објекти, како и нецелосен попис и нерасчистена евиденција на имот.
Во писмената реакција од Министерството се вели дека кога била формирана институцијата во 2024 година наследила нецелосни евиденции, нерешени имотно-правни прашања, судски постапки и административни пропусти кои претходно не биле соодветно адресирани.
Оттаму велат дека целосен и суштински попис на имотот не бил направен изминатите 10 години, а тоа довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација.
„Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност“,
се вели во соопштението од МДТ.
Од Министерството велат дека веќе преземаат активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот.
За дел од забелешките велат дека се веќе надминати, додека за другите се спроведуваат конкретни корективни мерки.
Од МДТ велат дека имаат наследено и повеќе судски постапки што произлегле од одлуки и обврски создадени во претходните години.
„Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат“,
се додава во соопштението.
Во однос на наодите за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, од Министерството велат дека веќе дале одговор до Државниот завод за ревизија оти станува збор за исплата на набавки на други институции, каде што Министерството е корисник односно станува збор за чистење и обезбедување објекти, службени патувања и телефонија.
„Свесни сме и за предизвиците со недостигот од кадар, кои дополнително се усложнуваат заради разликата во висината на платите во државниот и приватниот ИТ сектор. Зајакнувањето на административните и стручните капацитети останува еден од приоритетите на Министерството“,
се вели во писмената реакција.
Оттаму додаваат дека се решени да ги расчистат институционалните наследства и оти остануваат целосно отворени за соработка со Државниот завод за ревизија и за спроведување на неговите препораки.
Во извештајот од ДЗР се нотира оти биле утврдени нецелосни податоци со евиденцијата на недвижностите и основните средства, нецелосна документација за јавните набавки, доцнење во евидентирањето на фактурите и слабости во внатрешната контрола.
Поради утврдените слабости, во извештајот се вели дека ревизорите не можеле да обезбедат доволно податоци и докази за да изразат мислење за финансиските извештаи на Министерството, додека за законитоста на работењето дале мислење со резерва.
