И двете го поздравиле напредокот во економската соработка и трговската размена и посочиле дека е потребно дополнително унапредување на инфраструктурното поврзување и олеснување на царинските процедури
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими претседателката на косовскиот парламент, Албулена Хаџиу, која престојува во официјална посета на земјава.

Како што соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова, на средбата е изразено задоволство од развојот на македонско-косовските односи, кои се карактеризираат со редовен политички дијалог, заеднички стратегиски цели и усогласени ставови за меѓународните прашања.
Според македонската претседателка, добрососедските односи, регионалната соработка и иницијативите како процесот Брдо-Бриони придонесуваат за поголема доверба, разбирање и препознатливост на Западниот Балкан како кредибилен партнер на Европската Унија.
Ја реафирмирала поддршката за евроатлантските аспирации на Косово, нагласувајќи дека земјите во пристапниот процес кон ЕУ треба правично да се оценуваат врз основа на Копенхашките критериуми.
Како поранешна пратеничка, претседателката ја истакнала важноста на парламентите и парламентарната соработка за продлабочување на демократските процеси. Се заложила и за продолжување на редовните средби меѓу пратениците и размена на добри практики, особено во контекст на евроинтеграциите.
Хаџиу се заблагодарила за пријателството и солидарноста на Северна Македонија со Косово, потврдени низ годините. Ја нагласила и важната улога на албанската заедница во Северна Македонија во градењето добри односи меѓу двете земји.
Претседателката на косовското Собрание го оценила како значаен придонесот на Северна Македонија за мирот и стабилноста на Косово преку учеството во КФОР и НАТО, како и поддршката за евроатлантските аспирации на земјата.
И двете го поздравиле напредокот во економската соработка и трговската размена, посочувајќи дека е потребно дополнително унапредување на инфраструктурното поврзување и олеснување на царинските процедури.
На средбата биле разменети мислења и за актуелните политички состојби, при што соговорничките се согласиле дека помирувањето и координираниот регионален настап се важни за европската перспектива на Западниот Балкан и за неговото подобро меѓународно позиционирање.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска во Скопје ја пречека и оствари средба со Хаџиу. Taa посочи дека ова е нејзина прва посета на странска земја по преземањето на функцијата, што, како што оцени, е силна потврда за значењето на одличните билатерални односи и соработка меѓу двете држави.
