Според динамиката на спроведувањето, доколку законот ја добие поддршката од собранискиот пленум, институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година, образложи пратеникот на владејчката партија, Бојан Стојаноски
Според него, од опфатот на предложениот закон се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и повеќе безбедносни институции
Лицата ангажирани со договор на дело или други видови договори на определено време во дел од јавните институции ќе добијат можност за вработување на неопределено време. Ова го предвидува предлог-законското решение што денеска на прес-конференција во Собранието го образложи пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Според него, законското решение што го предлагаат предвидува трансформација на договорените ангажмани во редовен работен однос на неопределено време во институциите што ќе бидат опфатени со законот. Постапката ќе се спроведува во фази, а треба да заврши до крајот на следната година.
Како што наведе Стојаноски со предлог-законското решени се исправа една деценска неправда и се решава проблем кој со години бил премолчуван, одложуван и префрлан од една на друга институција.
„Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина“,
рече Стојаноски.
Наместо авторски договор, вработување на неопределено
Тој посочи дека станува збор за лица кои со години работат со договор на дело, авторски договор, преку агенции за привремени вработувања или други форми на договорен ангажман, а истовремено ги извршуваат своите обврски и придонесуваат за функционирањето на институциите.
Според образложението што го наведе, предлог-законот предвидува конкретни рокови за реализација, во кои лицата ќе бидат заштитени додека трае постапката, а воедно предвидува и ограничување на идните ангажмани со договор на дело и финансиска контрола на целиот процес.
На трансформација на ангажманот од договорен во работен однос на неопределено време ќе имаат право лицата кои имаат важечки договор на денот на влегување на законското решение во сила.
Фазна трансформација
Според динамиката на спроведување, доколку законот ја добие поддршката од собранискиот пленум, институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година.
„На овој начин обезбедуваме постепена, организирана и финансиски одржлива реализација на процесот“,
рече Стојаноски.
Онаму каде тоа ќе биде потребно, институциите ќе имаат рок од 14 дена од влегувањето во сила на законот, да ги усогласат актите за систематизација на работните места.
Предлог-законот, наведе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува и заштита на лицата додека трае постапката. Според него, институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски согласно законот.
„Со други зборови, воспоставуваме механизам луѓето да не ја изгубат работата додека чекаат да се реализира нивната трансформација“,
рече пратеникот.
Ограничувања
Дополнително, според предлог-законското решение од 1 јануари 2028 година за институциите што ќе бидат опфатени со него ќе има ограничувања во однос на тоа колку лица ќе може да ангажираат со договор на дело. Предвидено е тоа да изнесува најмногу 10 проиценти од вкупниот број вработени на крајот на претходната година. Сепак, предвидени се исклучоци, меѓу кои и можност за надминување на овој процент најмногу четири месеци во една фискална година, со претходна финансиска согласност.
Ограничувањето нема да се однесува, меѓу другото, на лица ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори, адвокати ангажирани за правна помош, правно советување и застапување, овластени сметководители и сметководствени друштва, како и на определени стручни и специфични ангажмани наведени во законскиот текст.
Со предлог-законот се предвидуваат и прекршочни санкции за раководните лица кои нема да ги почитуваат ограничувањата. За раководно лице во институција е предвидена глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност.

Стојаноски наведе дека Министерството за финансии ќе има важна улога во контролата на процесот преку издавање согласности за обезбедени финансиски средства. Институциите ќе треба да ја достават потребната документација, вклучително и договорите врз основа на кои лицата биле ангажирани, а Министерството ќе може да не издаде согласност доколку не се исполнети законските услови или трансформацијата не е во согласност со расположливите буџетски средства.
„Значи, не нудиме неодржливи ветувања, туку законски механизам со конкретни рокови, обврски и правила“,
рече Стојаноски.
Исклучоци
Според него, од опфатот на предложениот закон се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и повеќе безбедносни институции.
„Ова го нагласувам затоа што сакаме граѓаните да имаат точна информација за опфатот на законот, без нејаснотии и без создавање погрешни очекувања“,
кажа тој.
Стојаноски оцени дека предложеното решение не треба само да го реши постојниот проблем, туку и да спречи тој повторно да се создава, наведувајќи дека во случајот станува збор за работнички права, а не за политички поени.
