„Верувам дека добрите меѓудржавни односи, меѓусебното почитување и соработката ќе продолжат да се развиваат во интерес на граѓаните на двете држави“, напиша премиерот на социјалните мрежи
Премиерот Христијан Мицкоски денеска имал телефонски разговор со проф. д-р Илија Срдановиќ, носител на Студентската листа, која победи на вчерашните предвремени парламентарни избори во Србија.

Како што објави премиерот на социјалните мрежи, тој на Срдановиќ му честитал за изборниот резултат и за победата и му посакал успех во периодот што следува.
„Верувам дека добрите меѓудржавни односи, меѓусебното почитување и соработката ќе продолжат да се развиваат во интерес на граѓаните на двете држави“,
наведува Мицкоски во објавата.
Претходно од македонските државни функционери победата на Студентска листа им ја честитаа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, како и министерот за надворешно работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Според досега обработените резултати од изборите, Студентската листа освои 52,7 отсто од гласовите и треба да има од 138 до 140 пратенички места, додека „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија, доби 39,1 отсто од гласовите, што им носи 103 места во парламентот на земјата.
Александар Вучиќ, кој беше носител на листата „Обединета Србија“, вчеравечер од изборниот штаб на Српската напредна партија го призна поразот на предвремените парламентарни избори, велејќи дека е горд на сè што е досега направено и порача дека ќе продолжат да се борат и ќе покажат што значи опозиција.
