Од српската полиција изјавиле дека просторот е затворен од безбедносни причини бидејќи таму се наоѓаат објекти од значење за државата
Од утрово е засилено полициско обезбедување во центарот на Белград, пренесува регионалниот сервис на „Радио слободна Европа“ (РСЕ).

Метални огради се поставени околу зградите на Републичката изборна комисија (РИК) и српското Претседателство, а во тој дел од градот е запрен и јавниот превоз.
Од српската полиција изјавиле дека просторот е затворен од безбедносни причини бидејќи таму се наоѓаат објекти од значење за државата.
Пристап во оградениот простор имаат само граѓаните што живеат во тој дел од градот или одат да гласаат на избирачките места во околината.
Уште од рано наутро на избирачките места во Белград и во Нови Сад можеа да се забележат долги редици, во кои граѓаните чекаа да го остварат своето право на глас.
На повеќе избирачки места во Белград редиците почнале да се формираат уште пред официјалниот почеток на гласањето.
Слична беше ситуацијата и во Нови Сад, каде што граѓаните почнале да се собираат околу пет часот наутро, два часа пред отворањето на избирачките места.
Редови за гласање од утрово се формираат и во Крагуевац, Чачак, но и во Ниш.
Големи редици за гласање се забележани на повеќе избирачки места во дијаспората, како Вашингтон, Виена и Љубљана. Во Лос Анџелес се формирала редица од стотици луѓе.
