Во Амбасадата на Бугарија во Скопје гласале 41 избирач, додека во Генералниот конзулат во Битола својот глас го дале 17 лица. Во Охрид гласале 20 избирачи, во Струмица 18, во Кавадарци 16, а во Прилеп 14. Во Кочани, каде што по првпат е отворено избирачко место, гласале 15 бугарски државјани
Излезеноста на претседателските избори во Бугарија до 12 часот изнесува 5,8 отсто, односно гласале 385 092 избирачи, соопшти портпаролката на Централната изборна комисија (ЦИК), Стојанка Балова.
Највисока излезеност е регистрирана во Видин, 8,12 отсто, а најниска во Крџали, каде што гласале 2,56 отсто од избирачите.

До ЦИК до пладне се поднесени 13 приговори, од кои четири се однесуваат на нарушување на изборниот процес, а три за предизборна агитација. Дел од пријавите се однесуваат и на проблеми со избирачките списоци, како и на гласањето со машини.
Оттаму информираат дека 20 гласачки машини во земјата имале различни технички проблеми, поради што во тие избирачки места гласањето продолжило со хартиени ливчиња.
Четири од машините воопшто не успеале да се активираат на почетокот на изборниот ден поради проблеми со печатачот, читачот или мрежното напојување.
Проблеми се регистрирани во Бургас, Монтана, Пазарџик, Плевен, Русе и Силистра, како и во Софија, во 23. изборен регион, каде што биле пријавени пет неисправни машини. На останатите локации имало по еден случај.
Од ЦИК соопштија и дека седум лица одбиле да гласаат со машина и побарале да го остварат своето право на глас со хартиено ливче.
Како што пренесува БНТ, во седумте избирачки места во Северна Македонија гласањето се одвива без проблеми.
До 11 часот по локално време, односно до 12 часот по бугарско време, според податоците на ЦИК, во земјава гласале 141 бугарски државјанин.
Во Амбасадата на Бугарија во Скопје гласале 41 избирач, додека во Генералниот конзулат во Битола својот глас го дале 17 лица. Во Охрид гласале 20 избирачи, во Струмица 18, во Кавадарци 16, а во Прилеп 14. Во Кочани, каде што по првпат е отворено избирачко место, гласале 15 бугарски државјани.
Во Бугарија денеска се одржуваат претседателски избори, на кои право на глас имаат 6,59 милиони граѓани, во над 12 680 избирачки места (вклучувајќи 613 избирачки места во странство).
За победа во првиот круг е потребно кандидатската двојка да освои повеќе од половина од гласовите на избирачите кои гласале, под услов на изборите да учествувале повеќе од половината од запишаните избирачи.
Доколку ниту еден кандидатски пар не ги исполни условите за победа во првиот круг, вториот круг е закажан за 1 ноември.
Тоа значи дека ниската излезеност може да доведе до втор круг дури и ако една кандидатска двојка освои повеќе од 50 отсто од важечките гласови.
