Француските власти распоредија 70.000 полицајци низ земјата, што е за десет илјади повеќе отколку за протестите кои се одржаа на 17 октомври. Безбедносните сили веќе патролираат околу клучните локации пред најавените протести
Повеќе од дваесет метро-станици се затворени, а главните туристички атракции, музеи и продавници во Париз нема да работат пред новиот бран протести во Франција, најавени за денеска. По минатонеделните насилни демонстрации, Франција ги засили безбедносните мерки.
Дел од светските медиуми објавуваат дека француските власти распоредија 70.000 полицајци низ земјата, што е за десет илјади повеќе отколку за протестите кои се одржаа на 17 октомври. Безбедносните сили веќе патролираат околу клучните локации, вклучително и на Шанзелизе, додека полицијата ги обезбедува најпознатите туристички места.
Меѓу затворените институции се музеите Лувр и Орсеј, како и париската опера. Мерките ги засегаат и јавниот превоз и туристичките активности во француската престолнина.

Протестите во Франција се поттикнати од растечките трошоци за живот, условите во образованието и финансирањето на јавните услуги. На улиците излегуваат студенти, работници, синдикати и активисти, кои бараат одговор од властите за економските и социјалните проблеми.
Минатонеделните демонстрации, беа проследени и со палење автомобили, оштетување јавни објекти и ограбување продавници. Француските власти предупредуваат дека дел од учесниците во нередите ги искористиле протестите за да предизвикаат насилство.
Поради безбедносните ризици, во повеќе градови се воведени ограничувања за собирите. Во Париз, властите презедоа мерки за да ги оддалечат протестните маршрути од делови на центарот каде што се очекува поголема концентрација на луѓе и деловни објекти. Ограничувањата предизвикаа реакции од синдикатите и дел од политичките организации, кои предупредуваат дека мора да се зачува правото на мирен протест.
Протести се најавени и во други француски градови, а безбедносните мерки остануваат засилени поради стравувањата од нови инциденти.
Францускиот претседател Емануел Макрон по бранот немири најави свикување кризен штаб за помош на погодените, како и брзи истраги за насилството и нападите врз државните згради.
Во телевизиското обраќање до нацијата вети и целосна транспарентност на истрагите за постапувањето на полицијата, а поради високите цени на горивата во понеделник патува во земјите од Персискиот Залив.
Макрон порача дека ништо не го оправдува насилството за време на протестите против високите животни трошоци и лошите услови во училиштата. Нагласи дека оние што ги напаѓале државните згради мора да одговараат и дека истрагите за незаконските дејствија треба да се спроведат што е можно поскоро.
