Видеото со исписите од светлосното шоу на својот официјален фејсбук-профил го објави премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи го уште еднаш празникот со порака „Небото свети Македонија“
Инаку, од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информираа дека по повод одбележувањето на празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, ќе користат беспилотни летала за снимање од воздух, како дел од безбедносните мерки
Освен со говор на премиерот Христијан Мицкоски на Свечена академија и положување цвеќе пред споменици, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба вечерва беше одбележан и со светлосен перформанс со дронови.

На небото над Скопје со кординиран лет на повеќе беспилотни летала беше отсликан ликот на револуционерот Гоце Делчев, симболот на сонцето на македонското државно знаме, како и акронимот ВМРО и пораката „Гоце е Македонија“.
Видеото со исписите од светлосното шоу на својот официјален фејсбук-профил го објави премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи го уште еднаш празникот со порака „Небото свети Македонија“.

„Честит Ден на македонската револуционерна борба! Небото свети Македонија. Неколку секунди македонска убавина и пораки. За многу години“,
напиша премиерот во пораката покрај видеото.
Видезаписот почнува со кадри, очигледно направени со дрон, од булеварот „Илинден“ и Националната арена „Тодор Проески“ по што се гледа како полетуваат дронови од место кое наликува на паркинг-простор. Светејќи во различни бои, се гледа како леталата го обликуваат ликот на Гоце Делчев, потоа испишуваат ВМРО, сонцето од државното знаме, па пораката „Гоце е Македонија“.

Инаку, од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информираа дека по повод одбележувањето на празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, ќе користи беспилотни летала за снимање од воздух.

Во соопштението, оттаму наведоа дека станува збор за однапред планирани активности како дел од безбедносните мерки за одбележување на празник и апелираа до граѓаните да ги отстранат возилата од паркингот кај Музејот на современа уметност, бидејќи ќе биде обезбеден од 10 до 23 часот за потребите на свеченоста по повод празникот.
