Скопскиот градоначалник вели дека се обезбедени средства за проширување на капацитетите, но дека доградбата на постојната локација во рамки на ЈП „Лајка“ е оневозможена поради нерешени урбанистички прашања и затоа се бара нова локација
До крајот на годината се очекува да започне процесот на проширување на капацитетите за третман на бездомни кучиња, најверојатно на нова локација, бидејќи постојниот објект на Јавното претпријатие „Лајка“ не може да се доградува поради урбанистички ограничувања – најави денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој вели дека Град Скопје има обезбедено финансиски средства за проширување на капацитетите, но изградбата и доградбата на постојната локација е оневозможена поради нерешени урбанистички прашања.
„Постоечката локација е изградена на диво во минатото и деталниот и генералниот урбанистички план не дозволуваат да го прошириме капацитетот таму. Бараме друга опција и верувам дека до крајот на годината ќе започнеме со процес на доизградба на капацитети, можеби на друга локација што моментално ја утврдуваме“,
изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот оцени дека е постигнат видлив напредок во справувањето со проблемот со бездомните кучиња во главниот град, но вели дека сѐ уште не е целосно решен. Додава дека службите на Град Скопје работат на изнаоѓање соодветно решение што ќе овозможи подобри услови за згрижување и третман на бездомните кучиња, како и поефикасно справување со долгогодишниот проблем во главниот град.
