„Видеолотариските терминали, колку што знам, имаше потреба да се набават поради самата компанија која би ги користела за организирање игри на среќа. До каде е тоа застанато мене не ми е познато. Ние како Управен одбор не донесовме одлука за оваа набавка“, рече сведокот Христа Најданов, кој бил член на Управниот одбор на АД „Државна лотарија“, на денешното рочиште од судскиот процес што се води против ексдиректорот на „Лотарија“, Перпарим Бајрами, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште шест лица за злоупотреба на службената положба и овластување
Сведокот, одговарајќи на прашања на Обвинителството, рече дека и во периодот додека генерален директор на „Лотарија“ била Катица Николовска-Парнакова, во дел од нејзиниот мандат се зборувало дека има потреба за проширување на дејноста на компанијата, но, како што додаде, Парнакова била порезервирана околу тоа прашање
Во изјава за медиумите на пауза од рочиштето, бранителот на Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, рече дека тоа што сведокот не се сеќава дека таква одлука и материјали за неа биле доставени, не значи дека тие не постојат. Тој изјави дека финансискиот и планот за јавни набавки го донесува Управниот одбор, а во конкретниот случај има одлука од Надзорниот одбор на компанијата
Управниот одбор на Акционерското друштво „Државна лотарија“ во државна сопственост во 2023 година не донело посебна одлука за набавка на видеолотариски терминали (ВЛТ) за организирање електронски игри на среќа. Вака, повикувајќи се на својата меморија, сведочеше поранешниот член на Управниот одбор на државната компанија, Христа Најданов, на денешното рочиште од судскиот процес во кој на ексдиректорот на „Лотарија“, Перпарим Бајрами, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и на уште шест лица им се суди за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката на видеолотариските терминали.

Од друга страна, пак, одбраната на Бајрами на дел од останатите обвинети ги отфрли ваквите наводи, посочувајќи дека за набавката на апаратите имало одлука на Надзорниот одбор на АД „Државна лотарија“ и дека нивното набавување било предвидено во финансискиот план и програма на компанијата за конкретната година.
Имено, според она што може да се изведе како заклучок од денешното рочиште, немањето одлука од Управниот одбор за ова прашање беше тезата што Обвинителството имаше намера да ја докаже со исказот на нивниот сведок на рочиштето.
Како се одржувале седниците на Управниот одбор на „Лотарија“
Најденов бил член на Управниот одбор на „Државна лотарија“ во два мандати, од август 2017 година до почетокот на февруари 2024 година. Инаку, тој по порфесија е правник и во моментов работи како советник за нормативно-правни прашања/секретар во скопската гимназија „Јосип Броз – Тито“.
На позицијата член на Управниот одбор бил назначен на предлог на партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) како тогашен партнер во владејачката коалиција.
„Членовите на Управниот и на Надзорниот одбор ги предлагаа органите на партиите. Претпоставувам дека и другите членови беа предложени на истиот начин, од своите политички партии. Би додал дека тоа е пракса која сè уште трае. Не навлегувам во тоа дали е тоа добро или лошо“,
рече сведокот Најданов.
Кажа дека за време на неговиот прв мандат како член на Управниот одбор генерален директор на „Лотарија“ била Катица Николовска-Парнакова, а потоа на нејзино место дошол Перпарим Бајрами.
„Мислам дека г. Бајрами во времето на Парнакова беше нејзин заменик“,
додаде сведокот.
Според исказот на Најданов, додека Николовска-Парнакова била генерална директорка на компанијата, седниците на Управниот одбор се одружувале со физичко присуство, а членовите имале можност да отворат дискусија и да дебатираат по одредени точки, а понекогаш ги повикувале и раководителите од други служби за да дообјаснат одредени прашања од точките на дневен ред. Седниците продолжиле да се одржуваат со физичко присуство и на почетокот од доаѓањето на Перпарим Бајрами за генерален директор, но накде во 2021 година материјалите почнале да се доставуваат електронски.
Поради ваквите околности, сведокот кажа дека некогаш немал време студиозно да ги разгледа материјалите за одлуките што требало да се донесат, а таквата пракса, рече, продолжила сè до неговото заминување од функцијата.
„На пример, поради итност некогаш материјалите ни беа доставувани наутро, а ние требаше да одговориме до попладнето истиот ден. Јас зборувам за мене, некогаш немав време студиозно да ги погледнам и во 99 отсто од случаите одговорите на членовите беа позитивни. Немавме шанса да се обратиме до службите да ни дообјаснат, затоа што сите не бевме стручни во некои работи“,
рече сведокот.
Претходниот директор на „Лотарија“ беше порезервиран околу големи одлуки, рече сведокот
Што се однесува до набавката на видеолотариските терминали, Најданов кажа дека во „Лотарија“ се разговарало за проширување на дејноста на компанијата и за формирање ново трговско друштво за организирање видеоигри на среќа. За ова рече дека биле изготвени вештачења и елаборати за исплатливоста на дејноста, но, како што кажа, не може да се сети оти на седница на Управниот одбор имало одлука за набавка на апаратите.
„Видеолотариските терминали, колку што знам, имаше потреба да се набават поради самата компанија која би ги користела за организирање игри на среќа. До каде е тоа застанато мене не ми е познато. Ние како Управен одбор не донесовме одлука за оваа набавка“,
рече Најданов.
Сведокот, одговарајќи на прашања на Обвинителството, рече дека и во периодот додека генерален директор на „Лотарија“ била Катица Николовска-Парнакова, во дел од нејзиниот мандат се зборувало дека има потреба за проширување на дејноста на компанијата, но, како што додаде, Парнакова била порезервирана околу тоа прашање.
„Беше поекономична и не влегуваше во донесување поголеми одлуки“,
додаде тој.

На прашањето кога дознал дека е спроведена постапка за набавка на видеолотариските терминали, сведокот рече дека за тоа дознал од медиумите, но кога точно, не можеше да се сети.
Сведокот наведе и дека пред извесно време, исто така, од медиумите дознал дека видеолотарските терминали не се ставени во функција.
Во продолжението на рочиштето сведокот Најданов одговараше на вкрстени прашања на дел од адвокатите на обвинетите. Најмногу му постави бранителот на првообвинетиот ексдиректор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, а прашања се однесуваа на неговиот исказ дека наводно не била донесена посебна одлука од Управниот одбор за набавка на видеолотариските терминали.
Одбраната: Има одлука на Надзорниот одбор на „Државна лотарија“
Прашан дали е точно дека Управниот одбор одлучува и за финансиските планови на Лотарија, сведокот кажа дека согласно статутот, Управниот одбор одлучува за финансиските планови и програми додека Надзорниот одбор треба да ги контролира. Сведокот одговори и дека, колку што се сеќава, набавката на ВЛТ-апаратите била предвидена со финансискиот план за конкретната година кога биле и набавени, но повтори дека не може да се сети оти имало материјали на седница за набавката.
„Не можам да се сетам дали имало материјали во однос на набавката на овие ВЛТ-апарати, но мислам дека немало“,
кажа сведокот одговарајќи на вкрстените прашања од Миланов.
На дополнително прашање дали му е познато дека без одлука на Надзорен одбир таква набавка не би можела да биде спроведена според Статутот, сведокот кажа дека колку што знае, одлуките на Управниот одбор се уредени во член 15 од Статутот на Државна лотарија, според кој, како што кажа, секоја одлука прво треба да ја донесе Управниот одбор, а потоа таа да биде одобрена од Надзорниот. Сепак, како што додаде, тоа е така освен ако не постои некоја одредба каде што се утврдени надлежностите на Надзорниот одбор според која тој може да одлучува и без претходна одлука на Управниот одбор.
„Претпоставувам дека штом Надзорниот одбор донел таква одлука, веројатно имал право да донесе таква одлука“,
кажа Најданов.
Во изјава за медиумите на пауза од рочиштето, бранителот на Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, рече дека тоа што сведокот не се сеќава дека таква одлука и материјали за неа биле доставени, не значи дека тие не постојат. Тој изјави дека финансискиот и планот за јавни набавки го донесува Управниот одбор, а во конкретниот случај има одлука од Надзорниот одбор на компанијата, кој се повикува на членот 33 од Статутот на компанијата.
„Таквата одлука сметам дека е сосема согласно Законот за трговски друштва и дека во таа насока нема никаква пречка. Дали ќе гласа се согласувам со одлука или носел одлука што ве задолжува во нешто да постапите, сето тоа е во надлежност на Надзорниот одбор со оглед да станува збор за голема зделка односно над 20 проценти од вредноста на компанијата“,
рече Миланов во изјавата за медиумите.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, тие се товарат дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596 125 511 денари, односно околу 9,7 милиони евра. Груби се гони дека во својство на тогашен вицепремиер, претседавал со владината седница на која според обвинителникот предлог предложил да се усвои одлука со која на „Државна лотарија“ ѝ се дава зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа, иако ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на задничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
Инаку, ова е второ рочиште на кое Артан Груби доаѓа без лисици на рацете откако по сила на законот истече мерката куќен притвор, што претходно му беше определена. Сепак, судот не го прифати неговиот предлог да му биде вратен пасошот, во замена за гаранција во недвижен имот.
