Премиерот ова го кажа прашан да ја коментира изјавата на бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков, кој рече дека би бил изнанаден ако македонските власти не знаеле за заминувањето на Михаилова од Македонија, како и изјавата на министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, кој во поткаст изјави дека официјална Софија ниту ќе ја бара ниту ќе ја предаде Михаилова на „српските власти“
Премиерот Христијан Мицкоски одби да ги коментира изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и на амбасадорот на Бугарија во земјава, Жељазко Радуков, во врска со случајот со Ива Михаилова.

Бугарскиот амбасадор Радуков во изјава за БТВ рече дека би бил изнанаден ако македонските власти не знаеле за заминувањето на Михаилова од Македонија. Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, пак, во поткаст изјави дека официјална Софија ниту ќе ја бара ниту ќе ја предаде Михаилова на „српските власти“.
Мицкоски денеска рече дека има што да одговори, но дека некои поединци не заслужуваат внимание.
„Видете, имам што да одговорам, но одредени поединци не заслужуваат да бидат во центарот на вниманието. Мислам дека ваков тип на естрада која денес ја гледаме таму, а која е поврзана со фолклорот за нивните претседателски избори не заслужува коментар“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната промоција на 100 нови амбулантни возила.
Според премиерот, и медиумите не треба да им обрнуваат внимание и да ги игнорираат ваквите изјави.
Инаку, вчера во македонското МНР беше повикан претствник на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи, при што било изразено незадоволство од неодамнешните изјави на Демерџиев и Радуков. Од МНР посочиле дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи. Притоа, било укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција.
