Во врска со протестите реагираше и Православната автокефалната црква на Албанија. Реакцијата се однесува на апсење што вечерва се случило во кругот на соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана
Антивладините протести во Албанија влегоа во својот седми ден. И денеска, како и изминатите денови, дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Немирите ескалираа во близина на Апелацискиот суд во Тирана, каде што маскирани лица гаѓаа со камења кон судската зграда, кршејќи ги прозорците. Некои од нив успеале да влезат во просториите на судот и да предизвикаат материјална штета. Во врска со случајот, како што објави албанската полиција, уапсени се пет лица, а по 15 други се трага.

Локалните медиуми јавуваат дека протестот почнал мирно, со песни и ора пред Министерството за образование во Тирана, а ескалирал попладнето околу 12:30 часот, кога дел од демонстрантите почнале да фрлаат камења кон полицајците кои, пак, одговориле со солзавец за да ја растераат толпата.
Полицијата почнала да се движи со возила кон демонстрантите принудувајќи ги да се повлечат. Набргу потоа демонстрантите се групирале во неколку помали групи, по што полициските возила почнале да ги следат низ улиците во центарот на Тирана со цел да спречат нивно повторно собирање.
Во врска со протестите реагираше и Православната автокефалната црква на Албанија. Реакцијата се однесува на апсење што вечерва се случило во кругот на соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана.
„Ваквите места никогаш не се и не можат да бидат простор за конфликт или конфронтација. Соборниот храм ‘Воскресение Христово’ е свето место за молитва, каде што се извршуваат богослужби и се проповеда култура на мир. Уште еднаш повикуваме на дистанцирање од насилството и на создавање простор за дијалог“,
се наведува во реакцијата.
Во текот на вчерашните собири медицинска помош побарале седум лица.
