Од кабинетот на францускиот премиер Себастијан Лекорну потврдија дека делумен полициски час ќе биде воведен во неколку града на северот на Франција. Под полициски час вечерва ќе бидат и два реона во Париз, каде што во текот на викендот беа регистрирани најголем број насилни инциденти и грабежи
По насилните протести во Франција изминатиот викенд, кои беа проследени со низа инциденти и жестоки судири на демонстрантите и полицијата, францускиот премиер Себастијан Лекорну денеска соопшти дека од градоначалниците во неколку града побарал вечерва да воведат делумен полициски час.

Лекорну порача дека е целосно решен да воспостави јавен ред и поради тоа побарал, доколку е потребно, локалните власти да воведат делумен полициски час. Тој не ја исклучува можноста да биде прогласена вонредна состојба доколку тоа е неопходно, но засега, според него, делумниот полициски час се чини посоодветно.
Од кабинетот на францускиот премиер потврдија дека делумен полициски час ќе биде воведен во неколку града на северот на Франција. Под полициски час вечерва ќе бидат и два реона во Париз, каде што во текот на викендот беа регистрирани најголем број насилни инциденти и грабежи.
Насоките на Лекорну доаѓаат откако францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњес призна дека полицијата изгубила контрола во некои од градовите за време на протестите во саботата, а претседателот Емануел Макрон побара да бидат воведени нови оперативни методи за ставање крај на немирите.
Франција во саботата беше соочена со масовни протести кои ескалираа во насилни судири со полицијата. Освен во Париз, демонстрации се случуваа и во Лион, Марсеј и во неколку други града низ државата. Присутните палеа автомобили, згради и угостителски објекти, а други ја користеа можноста да ограбат и вандализираат голем број продавници. Само во саботата, полицијата приведе над 1 800 лица.
