Според министерот за транспорт, темпото на работа сега зависи од изведувачот. Тој вели дека со зголемувањето на квотата за странски работници е надминат и недостигот од околу 670 работници во конзорциумот. Николоски смета дека до 2030 година земјава треба да достигне квота од 50 000 странски работници годишно

Сега „Бехтел и Енка“ се обидуваат да ја стигнат Владата во реализацијата на автопатските проекти, вели министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според него, отстранети се пречките со експропријацијата и административните постапки, а финансирањето е обезбедено и одобрено, па обемот и темпото на работа зависат од изведувачот.
Николоски ова го изјави на прашањето дали, со оглед на посочените околу 240-250 милиони евра за исплата годинава, конзорциумот може да работи побрзо и да потроши повеќе отколку што Владата може финансиски да следи.
„Мислам дека сега сме во друга ситуација. Тие се обидуваат да нè стигнат нас, затоа што веќе нема проблеми со експропријација, нема проблеми од каков било административен карактер и финансирањето е одобрено. Така што, на нив е сега колку можат да сработат“,
рече Николоски.
На дополнителното прашање дали „Бехтел и Енка“ имаат проблем со мобилизација на работна сила, министерот одговори дека недостигот на работници е проблем со кој се соочува целата држава. Во тој контекст ја посочи одлуката на Владата за зголемување на годишната квота за странски работници од 10 000 на 13 000, но оцени дека ќе бидат потребни и натамошни зголемувања.

„Државата, генерално, има проблем со мобилизација на работна сила. Мислам дека е паметно и добро што Владата донесе одлука годишната квота да се зголеми од 10 на 13 илјади странски работници. Ако сакате мое мислење, мислам дека следна година треба да оди на 20 000 и дека до 2030 година треба да стигнеме до 50 000 странски работници годишно коишто ќе работат во Македонија, ако сакаме да го задржиме ова ниво на раст на бруто-домашниот производ“,
изјави Николоски.
Прашан колку работници во моментов му недостигаат на конзорциумот, тој одговори дека по зголемувањето на квотата нема таков недостиг:
„Во моментов не им фалат затоа што ја зголемивме квотата, но пред да ја зголемиме квотата им фалеа некаде околу 670 работници“.
