Вицепремиерот и министер за транспорт вели дека рокот за почеток на градбата во пролетта 2027 година нема да се поместува

Над 20 компании досега покажале интерес за изградба на брзата пруга од границата со Србија до границата со Грција, откри вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Тој повтори дека изборот на изведувачот ќе се врши преку компетитивен дијалог, со почитување на условите од меѓународниот финансиски механизам со Велика Британија.
Николоски: Кажавме дека мора да се испочитува барањето на механизмот за меѓународно финансирање на Велика Британија, а тоа е да има најмалку 30% британска компонента. Врз основа на тој дел ќе има компетитивен дијалог со сите компании коишто го исполнуваат тој услов и ќе се избере тој којшто ќе даде најдобра понуда и најевтина цена, секако.
360°: Неофицијално, колку имаат покажано интерес досега?
Николоски: Па преку 20.
360°: И со сите ќе одите на компетитивен дијалог?
Николоски: Тоа е тоа, мора да го избереме најдобриот.
На прашањето – каде граѓаните и медиумите може да се информираат за исплатливоста на проектот, односно за шесте студии за проектот, Николоски порача дека тие ќе бидат објавени штом заврши целата процедура.
360°: Ме интересира каде граѓаните и медиумите можат да се информираат за исплатливоста на овој проект? Ве прашувам за достапноста на овие шест студии за коишто зборуваме.
Николоски: Ќе ги објавиме кога целата процедура ќе биде завршена. Но, тука сакам да бидам доста директен и отворен. Големите инфраструктурни проекти не можеме да ги гледаме низ чисто ИРР, економистите ова го разбираат добро, односно низ чист поврат на инвестиција. На пример, булеварите низ Скопје, колкав поврат на инвестиција имаат? Нула, не се наплаќа патарина, не се наплаќа да се вози низ Скопје и така натаму. Индиректниот е огромен, луѓето ги користат секој ден, одат на работа, во школо, децата се носат во градинка и така натаму.
Во однос на претходните критики што ВМРО-ДПМНЕ од опозиција ги упатуваше за тајноста на договорот за автопатиштата со „Бехтел и Енка“, а сега одредени детали за брзата пруга остануваат доверливи, Николоски рече дека тој договор сè уште е класифициран.
360°: Зошто го немавте ова разбирање за „Бехтел и Енка“? Жестоко ја критикувавте тогашната власт за договорот со „Бехтел и Енка“ затоа што остана недостапен.
Николоски: Ајде да одиме чекор по чекор. Тоа се проблеми со коишто јас секој ден живеам. Прво не е обезбедено финансирање за тој проект. Буквата ’А’ ја немаме ние во тој проект. Значи, не е обезбедено финансирање. Второ, до денес тој договор е таен, не можеме да го декласифицираме затоа што е напишано таму дека е со согласност на двете страни.
360°: Но, пред малку зборувавте дека сепак има дел што не може да биде објавен и за брзата пруга.
Николоски: Но, во моментот кога ќе има избор на финансиер и изведувач, сè ќе биде објавено и ништо нема да остане тајно. Така што не се споредува едно со друго.
Во однос на временската рамка, откако претходно се најавуваше излегување на терен и работа есента 2025 година, додека сега се споменува пролетта 2027 година, Николоски рече дека подготвителните работи и геотехничките истражувања веќе се спроведуваат на терен.
360°: За роковите, и самиот еднаш признавте јавно дека можеби бевте преамбициозен кога ги дававте првите изјави за тоа дека работите ќе почнат, ама не утнавте за малку, зборувавте за излегување на терен и за работа есента 2025, сега зборувате за пролетта 2027. Многу е разликата – година и пол.
Николоски: Не, не, ние ова една година работиме на терен. Овие студии не се прават од канцеларија. Тоа што јас не правам од тоа шоу, спектакл да одиме да се снимаме и така натаму, тоа е друго. Затоа што сакам кога ќе почне да се работи да го завршиме за пет години како што треба.
На прашањето дали е можно ново пролонгирање на рокот за почеток на градбата – пролетта 2027 година, вицепремиерот беше категоричен во одговорот.
Николоски: Не, имајќи предвид сè што имам пред мене на маса – не.
