Според портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, на 17 октомври гласале болните и изнемоштените лица во Брвеница, односно 85 од пријавени 88, а бројките, како што рече, се споделени во саботата, веднаш по гласањето, на социјалните мрежи од профилите на ВМРО-ОКГ
Таа побара Обвинителството да спроведе истрага за тоа како е можено да се знаат гласовите од запечатените кутии што се отвораат во исто време со гласовите од избирачките места во Брвеница
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвинија дека профили на владејчката ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи ги објавиле резултатите од гласањето на болните и изнемоштените лица во Брвеница пред официјалното отворање на гласачките кутии.

Ова на прес-конференција денеска го соопшти портпаролката и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, коментирајќи ги изборните резултати на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница.
Според неа, на 17 октомври гласале болните и изнемоштените лица во Брвеница, односно 85 од пријавени 88, а бројките, како што рече, се споделени во саботата, веднаш по гласањето, на социјалните мрежи од профилите на ВМРО-ОКГ.
„Веднаш по затворањето на избирачките места, ВМРО-Орбан порталот ‘Република‘ ги објави истите резултати: 50 гласа за нивниот кандидат, 20 гласа за Влен, 15 за ДУИ и нула за СДСМ. Бројките се точни со објавите на страниците на ВМРО. Како знаеле ден порано?“,
праша Кузеска.
Посочи дека болните и изнемоштените лица гласаат дома, во присуство на Комисија, а потоа кутиите се затвораат и се отвораат на денот на изборите, заедно со тие од избирачките места.
„Тие гласови не се бројат и објавуваат претходниот ден. Освен ако некој веќе ‘знае‘ што има внатре. Оттука СДСМ нула. Лесно е кога некој има пристап до гласачките ливчиња. Ова не се ‘неофицијални‘ податоци. Ова е признание. Знаеле што има во запечатените кутии пред да се отворат и пред официјалното броење на Комисијата“,
кажа таа.
Како паралела со актуелните случувања во Брвеница, таа ги наведе „бомбите“ од 2015 година, кога, како што рече, се слушале разговори за притисоци врз гласачите, контрола на ранливи групи граѓани и условување за субвенции со поддршка на изворите.
„Тогаш системот на Груевски го правеше тоа отворено. Сега, под арамијата Мицкоски, истиот систем работи само под радар. Знаат што има во кутијата пред да се отвори. Мицкоски ја претвори партијата во сопствено царство. Ги укина сите потпретседатели. Сега ги презема сите техники на владеење на Груевски. Менторот го постави ученикот“,
вели Кузеска.
Затоа, како што посочи, СДСМ не сака да ги прифати предложените измени на Изборниот законик што предвидуваат можности за гласање на дијаспората по пошта или електронски, оценувајќи дека тие мора да бидат во согласност со препораките на ЕУ и на ОБСЕ/ОДИХР, особено во делот на контролата и транспарентноста на изборниот процес.
„СДСМ не сака да го прифати изборниот грабеж кој ВМРО-ОКГ го спрема со законот по моделот на Груевски, со кој сака да овозможи изборна манипулација со гласовите од дијаспората. Гласање без контрола. Гласање по пошта. Електронско гласање. Не прифаќаме ништо што не е во согласност со препораките на ЕУ и ОДИХР – истрага на купување гласови, притисок врз гласачи, злоупотреба на јавни ресурси, транспарентност и контрола. Не гласање без контрола“,
рече портпаролката на партијата.
Таа побара Обвинителството да спроведе истрага за тоа како е можно да се знаат гласовите од запечатените кутии што се отвораат во исто време со гласовите од избирачките места во Брвеница.
„Бараме одговорност. Бараме да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел на ‘ВМРО начин‘ и кој го пратил бројот да се објави јавно пред да стигне до Комисијата. Ова е доказ како работи организираната криминална група. Истите методи со Груевски. Кутиите се отвораат уште во сабота. Гласовите ги штелуваат како и анкетите. Истата банда. Само шефот е сменет“,
додаде Кузеска.
Инаку, на вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски освои 2 943 гласа, додека кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Аркин Јахији, е втор, со освоени 2 152 гласа. Двајцата ќе одат во вториот круг за две недели, кога треба да биде познато кој ќе биде на чело на Брвеница во наредните четири години.
Трет во вчерашниот прв круг на вонредните избори заврши Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Јовица Радески, од коалицијата беше четврти со освоени 706 гласа. Независните кандидати – Душан Богдановски и Арифе Идризи вчера завршија петти и шести, со освоени 55, односно 21 глас.
