Би-би-си, повикувајќи се на бугарското Министерство за транспорт, објави дека авионот слетал по добиена дојава за поставена бомба

Авион на австриската авиокомпанија „Аустриан ерлајнс“ што летал од Тел Авив кон Виена, синоќа бил пренасочен кон Софија поради упатена закана, потврдил портпаролот на авиокомпанијата за Ројтерс.
Од „Аустриан ерлајнс“ соопштиле дека заканата се однесувала на летот од Тел Авив кон Виена, што наложило принудно слетување во Софија. Леталото слетало безбедно во 20:42 часот по средноевропско време, се наведува во соопштението.
Во авионот „ербас А320“ имало 51 патник и шест членови на екипажот. По завршувањето на проверката, патниците биле информирани дека ќе бидат префрлени на други летови.
Податоците од сервисот за следење летови „Флајтрадар24“ покажале дека авионот, со регистрација OE-LZE, полетал од Тел Авив за Виена, но бил пренасочен кон Софија.
Би-би-си, повикувајќи се на бугарското Министерство за транспорт, објави дека авионот слетал по добиена дојава за поставена бомба.
„За време на летот, кај границата со Романија, екипажот пријавил закана со бомба и донел одлука вонредно да слета во Софија“,
соопштиле од Министерството.
Борбен авион на Военото воздухопловство го придружувал леталото сè до неговото слетување во Софија, по што патниците биле симнати од авионот.
Ова доаѓа откако на 30 септември копилот се обиде да киднапира лет на „Флајдубаи“ на пат кон Тел Авив, напаѓајќи го капетанот, пред екипажот и патниците на летот да го совладаат и безбедно да го спуштат авионот во Саудиска Арабија.
