Одлуката на групата новинари на Н1 да дадат отказ доаѓа во момент кога редакцијата на порталот „Нова.рс“, кој е под иста медиумска групација со телевизијата Н1, е изложена на притисок од раководството, бидејќи одбива да прифати наметнување на нов главен уредник. Стравуваат дека тоа би довело до задушување на независното новинарство
Редакцијата на српската телевизија Н1 вечерва се огласи во врска со информацијата објавена претходно денеска – дека 10 новинари од телевизијата си дале отказ. Во соопштението до јавноста тие ја потврдуваат ваквата информација, велејќи дека искрено жалат за одлуката на нивните колеги.

Од телевизијата заминуваат новинарите Адам Сантовац, Жаклина Таталовиќ, Жана Булајиќ, Димитрије Ѓуриќ, Ана Новаковиќ, Даница Вучениќ, Миа Бјелогрлиќ, Сања Косовиќ, Ксенија Павков и Наташа Миљковиќ.
„Им посакуваме сè најдобро, сета среќа и велиме – ви благодариме за сè што направивме. Заедно. Имаме толку многу зад нас, одлични истражувачки стории, бројни награди, планинарење низ Србија, 24 часа континуирана програма во живо, што практично ниедна телевизиска станица слична на нашата и со нашите капацитети не го направила во историјата. Заедно преживеавме пожари, поплави, пандемија, солзавец, закани, напади, притисоци, признанија, пофалби и многу повеќе. Добро и лошо. Беше чест да го споделиме сето тоа со вас“,
стои во соопштението на редакцијата на Н1.
Доброволното заминување на новинарите на Н1, додаваат од редакцијата, е особено загрижувачки поради моменот во кој тоа се случува.
„Го продолжуваме нашето патување одделно. Тоа ја отежнува нашата борба, но нема да се откажеме од професионалните и моралните принципи што отсекогаш нè воделе. На јавноста ѝ ја ветуваме нашата посветеност на вистината, а на нашите колеги, драги луѓе, им велиме, ви благодариме и се гледаме наскоро на теренот“,
се додава во соопштението.
Одлуката на групата новинари на Н1 да дадат отказ доаѓа во момент кога редакцијата на порталот „Нова.рс“, кој е под иста медиумска групација со телевизијата Н1, е изложена на притисок од раководството, бидејќи одбива да прифати наметнување на нов главен уредник. Стравуваат дека тоа би претставувало чекор кон задушување на независното новинарство.
