Од СДСМ велат дека кандидатите кои освоиле најмногу бодови за нов член на Судски совет се партиски поддржувачи и ги исполнуваат партиските критериуми за оваа важна функција во правосудството

Опозициската СДСМ ги критикува премиерот Христијан Мицкоски и владејачкото мнозинство дека преку изборот на нови членови во Судскиот совет спроведуваат партизација и бараат целосна контрола врз правосудството.
На прес-конференција, Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, истакна дека властите се обидуваат да инсталираат контролирано судство и обвинителство со цел да се спасат од одговорност за криминал.
„Мицкоски го турка неговиот план да избира нови судии од тефтерчето. Тоа го прави веќе две години, сака целосна контрола врз правосудството. Бандата бара спас од одговорност за криминалот, и тоа во контролирано судство и обвинителство“,
изјави Фрчкоски.
Од СДСМ велат дека кандидатите кои освоиле најмногу бодови за нов член на Судски совет се партиски поддржувачи и ги исполнуваат партиските критериуми за оваа важна функција во правосудството.
Според опозицијата, кандидатката која добила најмногу бодови од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Алексовска, е позната по јавни фалби за премиерот на социјалните мрежи.
„Во изборот на свои кадри во судството, за Мицкоски очигледно најмногу бодови носат јавните фалби за него на социјалните мрежи“,
рече Фрчкоски.
Вториот кандидат Џоко Диков, според СДСМ, исто така има силни партиски врски, со објавени фотографии со пратеници и градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, од опозицијата наведуваат дека тој го застапувал градоначалникот на Ново Село против еколошките активисти и имал кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Фрчкоски, процесот на партизација е започнат претходно.
Тој потсети на претходни именувања, спомнувајќи го изборот на Данка Ристова за членка на Судскиот совет, чиј сопруг Ацо Ристов, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, подоцна беше поставен за претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Поранешен градоначалник од ВМРО сега е на чело на регулатор кој треба да е независен, а неговата сопруга е во телото што одлучува за судиите. Едни исти луѓе, врзани со Мицкоски треба да контролираат бизниси и судии. Класична мафијашка структура“,
рече Фрчкоски.
Од СДСМ бараат итно повлекување на предложените кандидати и спроведување избор на независни и професионални кадри и порачаа дека по промената на власта ќе има одговорност пред независно судство и пред европско обвинителство.
Инаку, пред два дена во Собранието, Комисијата за селекција, составена од пратеници, судија, адвокат и претставник од граѓанскиот сектор, одржаа интервјуирање со двајцата пријавени кандидати за член на Судскиот совет.
Во поединечното бодување, Алексовска добила максимални бодови за нејзината визија и одговорите на посебните и општите прашања од претседателот на комисијата – пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, додека од претставникот на граѓанскиот сектор има добиено само 10 поени.
Пратеничките од опозицијата, кои се дел од Комисијата, имаат дадено само половина поени за сите области за кои е оценувана.
