На прашањето во вечерашното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канала5 дали смета дека Бугарија како држава е инволвирана во бегството на Михаилова и дека на некој начин го овозможила, Николоски рече дека тоа ќе го покаже истрагата, но додаде оти тоа што нема соодветна реакција од Софија, која на некој начин се однесува и заштитнички, многу зборува
Говорејќи за сомнежите и обвинувањата од опозицискиот СДСМ дека бегството на Ива Михаилова е резултат на договор „под маса“ што го направила Владата, вицепремиерот одговори со контраобвинување наведувајќи дека Социјалдемократскиот сојуз е во координација со одредени структури во Бугарија, што е една од причините за ова што се случува
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија го гледа во контекст на претстојните претседателски избори во земјата, кои се закажани за 25 октомври, и оцени дека на политичките актери во Софија при секој изборен циклус им треба тема поврзана со Македонија што ќе доминира во јавниот дискурс.

Говорејќи за случајот во вечерашното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Николоски рече дека со тоа што Софија заштитнички се поставила во однос на Михаилова, на која во земјава ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици, нашиот источен сосед самиот си го руши имиџот како земја членка на Европската Унија.
„Мислам дека секој изборен циклус во Бугарија, еве ова е осми во последните четири години, а за два викенди има претседателски избори, носи потреси во односите меѓу двете држави, што не е во ред. Имаа голема политичка криза по која конечно се формира стабилна влада и јас мислев дека со нејзиното формирање колку-толку ќе се стават во некои нормални односи, но со претседателските избори гледаме дека тоа не е така“,
рече Николоски.
Случајот со Ива Михаилова, тој го спореди со други претходни лица и организации во Македонија за кои официјална Софија во минатото реагираше дека им се кршат правата во земјава за потоа да бидат маргинализирани или, како што вели вицепремиерот, искористени и фрлени.
„Јас ова го гледам во еден поширок контекст. Овде не се работи за едно девојче кое направило сообраќајна несреќа и очигледно лажира медицински извештаи за да се спаси од кривична одговорност, се работи за еден след на околности на луѓе коишто се искористени и после тоа фрлени. Дали се викал Кристијан Пендиков, дали се викало здружение од Битола, на времето беше Спаска Митрова, паралелно беше она шоу, нема друг збор, на пренесување на коските коишто наводно се од цар Самуил од Солун во Софија, сите тие церемонии, тие спектакли. Оваа влада во Бугарија беше избрана по големи ветувања, не знам какви се со реализација, но штом за претседателските избори не зборуваат за пониска инфлација, за повисок економски раст, нешто за што ние можеме да се пофалиме, туку зборуваат за виртуелни теми за конфликт којшто главно тие го провоцираат тогаш е јасно дека таму очигледно…“,
изјави вицепремиерот и министерот за транспорт.
На прашањето дали смета дека Бугарија како држава е инволвирана во бегството на Михаилова и дека на некој начин го овозможила, Николоски рече дека тоа ќе го покаже истрагата, но, додаде оти тоа што нема соодветна реакција од Софија, која на некој начин се однесува и заштитнички, многу зборува.
Сепак, како што кажа, со доза на сарказам, очекува дека Бугарија како земја членка на НАТО и Европската Унија, која има развиен систем на владеење на правото. ќе ја екстрадира Михаилова во Македонија. Во таа насока тој се повика на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека порано или подоцна Михаилова и нејзиниот татко, кој исто така се бара со потерница за издржување на 12,5 години затвор во случајот „Детонатор“, порано или подоцна ќе одговараат за тоа што го направиле.
„Така што, не се работи за некакви борци за човекови права или за луѓе кои имаат некакви идеолошки проблеми со Македонија, туку за семејство кое очигледно има сериозни законски проблеми со државата. И ова е лош преседан за останати жители на Македонија кои знаеме дека од економски причини имаат извадено во минатото бугарски пасоши. Ако на овој начин ги дерогираме системот и владеењето на правото во Македонија, тогаш не дај Боже некој утре ќе направи убиство со умисла или ќе ограби банка и ќе го направи истото (ќе избега во Бугарија н.з.)“,
рече Николоски.
Посочи дека според него тоа не е начинот на кој треба да се развиваат односите меѓу двете држави.

Одговарајќи на прашање за ургенциите што повеќе високи бугарски функционери ги правеле во европските институции за случајот со Михаилова, Николоски рече дека со тоа Софија само си го руши сопствениот имиџ.
„Јас не очекувам дека кој било би имал разбирање за бегалец од правда, во која било варијанта“,
кажа тој.
Во однос на прашањето како Михаилова излегла од Македонија и влегла во Бугарија – дали тоа било преку див премин или, пак, била пропуштена, вицепремиерот рече дека тоа е прашање на техника, но она што треба да се гледа според него е суштината.
„А суштината е дека очигледно таму политичкиот врв реши да даде поддршка на оваа работа. И да сметаме дека сето ова е случајно, и да сметаме дека на магичен начин таа личност се телепортирала од Кочани во Софија, доколку таму имаше сериозна намера да се почитува владеењето на правото, убеден сум дека ќе ја вратеа уште истиот ден, ама затоа што очигледно има други намери се прават некои други потези“,
кажа Николоски во интервјуто.
Говорејќи за сомнежите и обвинувањата од опозицискиот СДСМ дека бегството на Ива Михаилова е резултат на договор „под маса“ што го направила Владата, вицепремиерот кажа дека едноставно нема таков договор. Николоски одговори со контраобвинување наведувајќи дека СДСМ е во координација со одредени структури во Бугарија, што е една од причините за ова што се случува. Како аргумент за ваквото тврдење тој наведе негово неодамнешно интервју во кое прашањето што го поставил за случај од времето додека премиер на Бугарија беше Бојко Борисов, а на Македонија Зоран Заев, наишло на жестоки реакции кај СДСМ, а истите тези на опозициската партија веднаш ги презел претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој има активна забрана за влез во државава.
„Ова е само еден пример за координацијата што СДСМ очигледно ја има. Тие мислат дека ќе си ја подобрат својата положба не на начин со кој ќе си го подобрат својот рејтинг, затоа што се свесни дека не можат, туку со тоа што ќе го спуштат рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и очигледно работат синхронизирано со одредени структури во Бугарија. Едноставно нема договор Михаилова да ѝ се предаде на Бугарија. Позицијата на Владата е јасна, но ја гледаме и позицијата на СДСМ. Впрочем. со месеци повикуваат од СДСМ, и Венко Филипче и останатите, по секоја цена да се промени Уставот на државата и безусловно да се прифатат барањата на Бугарија“,
рече Николоски.
Кога станува збор за уставните измени и спорот со Бугарија, Николоски како голема дипломатска победа ја оцени иницијативата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за отпочнување дијалог меѓу Скопје и Софија за евентуално приближување на ставовите на двете држави.

„Тезата на Софија со години наназад беше дека уставните измени се европска позиција и дека нема што ние да разговараме со Софија, туку треба да разговараме со Европската комисија и со Европската Унија, односно со Брисел. Ние велевме обратно, дека проблемот е билатерален, дека ние не сакаме процесот на проширување да се билатерализира, и затоа баравме ЕУ да биде еден вид посредник во целата работа. Со самото тоа што претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, иницираше да се случи средбата и средбата се случи во Софија со Софија, а не во Брисел со Брисел, се потврди нашата теза, што го сметам за дипломатска победа и ние така можеме да ги поправаме позициите на Македонија, чекор по чекор, метар по метар да ја презентираме нашата вистина“,
кажа Николоски во интервјуто.
