Употребата на MOAB, најголемото ненуклеарно оружје во американскиот арсенал, би претставувала сериозна ескалација на конфликтот со Иран
Еден од изворите на Си-ен-ен рекол дека Трамп ѝ наредил на војската да развие дополнителни пакети за удари против ирански цели, кои вклучуваат „голема енергетска инфраструктура“ и потенцијална употреба на MOAB

Американската војска подготви нови планови за напади кои вклучуваат можна употреба на таканаречената „мајка на сите бомби“ (MOAB) врз иранската енергетска инфраструктура и нуклеарните постројки. Овие напади би можеле да се извршат доколку претседателот Доналд Трамп нареди продолжување на борбените дејствија пред или по изборите за Конгресот, пишува Си-ен-ен повикувајќи се на изјави од неколку американски функционери запознаени со ситуацијата.
Употребата на MOAB, најголемото ненуклеарно оружје во американскиот арсенал, би претставувала сериозна ескалација на конфликтот со Иран. Сепак, повеќе извори запознаени со воените прашања и со можното распоредување на ова оружје се сомневаат дека тоа би било ефикасно во постигнувањето на стратешките цели на Трамп или во промената на текот на војната.
Трамп, како што се додава во написот, се соочува со притисок да стави крај на војната, која е непопуларна. Републиканците стравуваат од можна политичка одмазда од гласачите на претстојните избори на средината на мандатот, а нема речиси никакви знаци дека двете земји се блиску до решение преку преговори, иако американското бомбардирање трае повеќе од шест месеци.
Иако американската војска продолжува да му нуди на Трамп опции за напади врз ирански цели, некои функционери се прашуваат дали Белата куќа воопшто има стратегија што навистина би ја завршила војната.
Со месеци, Трамп и неговите советници разгледуваат опции што би можеле да означат „дефинитивен“ крај на војната – барем во поглед на јавната перцепција – свесни за тоа колку конфликтот станал непопуларен меѓу американските граѓани.
Иако некои претставници на администрацијата ја опишуваат војната како суштински добиена, Трамп во своите неодамнешни изјави е повнимателен, тој избегнува да прогласи победа, наведувајќи дека САД сè уште имаат „незавршена работа“ во таа земја.
Трамп изразил и сомнеж кон некои надворешни сојузници кои го советуваат едноставно да ги повлече американските војници дома и да стави крај на приказната. Според Трамп, таквиот потег би изгледал како пораз.
Во текот на изминатите неколку недели, советниците во Белата куќа одржаа состаноци за да разгледаат различни опции во однос на Иран. Иако Трамп јавно објави дека нема да преземе нови дејствија пред среднорочните избори, неколку советници приватно изјавија дека не знаат дали таа изјава е дефинитивна или може да се промени пред денот на изборите.
Еден од изворите на Си-ен-ен рекол дека Трамп ѝ наредил на војската да развие дополнителни пакети за удари против ирански цели, кои вклучуваат „голема енергетска инфраструктура“ и потенцијална употреба на MOAB. Според истиот извор, нападот би се случил „пред повлекувањето на американските сили од зоната на одговорност на Централната команда (CENTCOM)“. Ова сугерира дека администрацијата би можела да започне дополнителни напади, да прогласи победа, а потоа брзо да ги повлече сите сили.
Втор извор изјавил за телевизијата дека воените планови за удар врз иранските нуклеарни објекти, вклучувајќи ја и планината Пикакс, исто така експлицитно повикуваат на користење на MOAB. Во последните месеци, Трамп постојано се заканува дека ќе го нападне Пикакс, каде што САД и Израел веруваат дека Техеран складирал компоненти од својата нуклеарна програма, дури и по паузирањето на целосните борбени операции претходно годинава, а Трамп продолжува да нагласува дека неговата цел е да се осигура дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје.
Во написот на Си-ен-ен се наведува дека еден американски функционер вели дека дека војската развива низа опции за политичкото водство во своето планирање, што се движат од највисоки до најниски. Целите од повисок ранг, вклучувајќи ги и оние длабоко под земја, бараат поголеми бомби, а MOAB е најголемата.
Но, прашањето е дали MOAB би бил ефикасен против нуклеарните објекти на Иран и другите локации длабоко под земја. Иако бомбата водена од џи-пи-ес може да уништи област со големина на девет градски блокови, веројатно не може да навлезе доволно длабоко за да ги уништи објектите на локацијата Пикакс која се верува декае заштитена со слоеви од гранит.
Трет извор запознаен со военото планирање изјавил оти MOAB е оружје првенствено за психолошки ефект и оти е одлично е за расчистување на големи области, но не многу повеќе од тоа.
„Воопшто не е дизајниран како боева глава што продира во утврдувањето.Доколку се користи, MOAB би имал разорно дејство врз погодената област, но веројатно само на површината. Огромниот радиус на експлозија речиси сигурно би предизвикал загриженост за цивилни жртви, особено ако инфраструктуратасе наоѓа во близина на населени области“,
рекол тој.
Сепак, се додава во текстот на Си-ен-ен, Трамп може да се одлучи за MOAB како психолошко оружје бидејќи иранскиот режим изгледа непоколебливо и непопустливо на дипломатските барања. Иако американските претставници предупредуваат дека употребата на бомбата веројатно нема да го принуди Иран да капитулира, тоа би му дало можност на Трамп да го промени статус квото без да предизвика целосна војна.
