Везироски е осомничен дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, односно дека го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено влијание врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири поединечни предмети на подрачјето на кое ја извршувал функцијата
Неговото име беше споменувано во јавноста и во врска со враќањето на пасошот на Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет во случајот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“
Поранешниот претседател на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, е назначен за вршител на должноста виш јавен обвинител во Битола, на местото на Пецо Везировски, против кого е поведена постапка под сомнение за примање награда за противзаконито влијание.
Одлуката е донесена на 53. седница на Советот на јавните обвинители, одржана вчера, откако Основниот кривичен суд Скопје го известил Советот дека против Везировски е определена мерка на претпазливост со која му се забранува преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно активности на неговото работно место.

„Под точката разно, претседателот на Советот ги запозна другите членови со известувањето на Основниот кривичен суд Скопје дека против јавен обвинител е определена мерка на претпазливост – забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно работни активности на неговото работно место, поради што Советот донесе одлука да се стави надвор од сила одлуката со која јавниот обвинител е определен за в.д. виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола. Поради ваквата состојба, Советот одлучи да донесе одлука за назначување на јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Битола, Антонио Јолевски, за в.д. виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола“,
се вели во соопштението од Советот на јавните обвинители.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 7 октомври поведе постапка против биш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола поради сомение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Во описот на случајот се вели оти се обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека дека тој во изминатиот период ги искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено влијание врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири поединечни предмети на подрачјето на кое ја извршувал функцијата.
Покрај тоа, ургирал и за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка.
Во медиумите потоа беше објавено дека Пецо Везироски, шефот на Вишото јавно обвинителство Битола, е обвинителот против кого е поведена истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки на претпазливост, по сослушување на осомничениот во присуство на бранителот, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК.
„Против П. В., кој се сомничи за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се определуваат мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности“,
информираа од Кривичниот суд.
Везироски беше избран за шеф на Вишото јавно обвинителство Битола на 30 септември 2022 година. Обвинителството со кое раководи ја надгледува работата на основните обвинителства во Битола, Прилеп, Охрид, Струга и Ресен.
Неговото име беше споменувано во јавноста и во врска со враќањето на пасошот на Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет во случајот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“.
„360 степени“ во јули објави дека Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на пасошот, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола, со кое раководи Везироски.
По одлуката на струшкиот суд да му го врати пасошот, Марковски ја напушти државата преку граничниот премин „Табановце“. Таму бил задржан за проверки, по што бил пуштен да продолжи кон Србија бидејќи против него немало активна мерка што би го спречила да ја премине границата. Подоцна беше известено дека Марковски се вратил во земјава.
