Од партијата посочуваат дека со предложените законски измени не се предвидува укинување на тајноста на посвојувањето ниту пристап до сите податоци, туку се предлага оценување на сите околности на секој поединечен случај, со заштита на правата на сите засегнати лица. Ова, велат од ЗНАМ, е особено важно кога потребните информации се од суштинско значење за здравјето на посвоеникот
Пратеничката група на движењето ЗНАМ во Собранието поднесе измени на Законот за семејството, со кои се предлага посвоените лица да имаат право да добијат информации за своето потекло. Со предлогот, велат од ЗНАМ, се утврдуваат точните услови и околности во кои посвоените ќе имаат право да добијат вакви информации.

Од партијата велат дека постојното законско решение не предвидува никаков механизам за индивидуална процена ниту, пак, можност институциите да ги разгледаат специфичните околности на секој случај. Потврдата за сегашниот проблем во законот, велат од ЗНАМ, има и од Европскиот суд за човекови права.
„Во пресудата ‘Митревска против Македонија’ од 2024 година, Судот утврди повреда затоа што ѝ бил целосно ограничен пристапот до информации кои ѝ биле потребни заради нејзината здравствена состојба. Да бидеме прецизни, нашата држава има обврска да постапи по пресудата на Стразбур и да ги почитуваме европските стандарди и заштитата на човековите права загарантирани со Конвенцијата“,
велат од Движењето ЗНАМ.
Оттаму посочуваат дека со предложените законски измени не се предвидува укинување на тајноста на посвојувањето ниту пристап до сите податоци, туку се предлага со одлука на стручна комисија да се оценуваат сите околности на секој поединечен случај, со заштита на правата на сите засегнати лица. Ова, велат од ЗНАМ, е особено важно кога потребните информации се од суштинско значење за здравјето на посвоеникот.
„Ова не конечен текст на закон, туку предлог со кој иницираме суштинска стручна и општествена дебата. Ги повикуваме сите – експертите, граѓанските организации, академската заедница, надлежните институции и сите заинтересирани граѓани да се вклучат со свои забелешки и предлози. Нашиот принцип не е да предложиме законски измени подготвени зад затворени врати, без да го чуеме мислење на сите“,
велат од ЗНАМ.
