Од адвокатскиот тим нагласуваат дека собирот траел неколку минути, бил без говори, пораки и политички обележја

Одбраната на Артан Груби упати соопштение до јавноста со кое се оградува од, како што наведуваат, самоиницијативниот и спонтан собир на граѓани, соседи и пријатели одржан синоќа пред неговиот дом, по повод укинувањето на мерката куќен притвор.
Од адвокатскиот тим нагласуваат дека собирот траел неколку минути, бил без говори, пораки и политички обележја, и упатија извинување до сите кои биле вознемирени од настанот.
„Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста. Артан Груби не учествуваше во организацијата, ниту, пак, собирот претставува негов политички став или иницијатива. Секое изразување поддршка е личен избор на граѓаните и не треба да се поврзува со одбраната“,
се наведува во соопштението.
Во соопштението се подвлекува дека укинувањето на притворот е одлука на надлежните органи во рамки на законските постапки и дека секое одлучување на надлежните органи треба да се почитува без политички притисоци, лични интерпретации и јавен притисок.
„Нашиот фокус останува исклучиво на правните аспекти на предметот, заштитата на правата на Артан Груби и обезбедувањето законита и правична постапка“,
потенцираат бранителите на Груби, Владимир Доневски и Гоце Ристевски.
Синоќа, откако Артан Груби излезе од куќен притвор, мерка што беше укината откако истече максимално предвидениот законски рок, во скопски Чаир беше пречекан од десетици граѓани. На пречекот имаше запалени факели, чадни бомби, а се слушаше и пукање огномет.
