Посебно внимание во разговорите било посветено на реализацијата на рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024–2028 година, која предвидува финансиска и техничка поддршка во износ од околу 700 милиони долари

Во рамките на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Бангкок, Тајланд, македонската делегација предводена од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, остварила значајни средби со високи претставници на овие меѓународни финансиски институции.
На средбите со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), Алфонсо Гарсија Мора, и извршниот директор Јуџин Ругенат, биле потврдени досегашната соработка и можностите за натамошно унапредување на партнерството.
Министерката Димитриеска-Кочоска, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет, истакнала дека Владата останува посветена на одржувањето на макроекономската стабилност, подобрувањето на управувањето со јавните финансии и забрзувањето на економскиот раст.
Посебно внимание во разговорите било посветено на реализацијата на рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024–2028 година, која предвидува финансиска и техничка поддршка во износ од околу 700 милиони долари.
„Во таа насока, акцентот беше ставен на забрзување на реализацијата на проектите, поефикасно користење на расположливите средства и постигнување конкретни резултати за граѓаните и економијата“,
се вели во соопштението од Министерството за финансии.
Тековното портфолио, додаваат од Финансии, опфаќа модернизација на инфраструктурата, унапредување на јавните финансии, енергетска ефикасност, образование, социјална заштита и земјоделство.
Во разговорите била истакната и важноста од соработката со ИФЦ во насока на поттикнување на приватните инвестиции, зелената транзиција и зголемување на конкурентноста на домашната економија.
Претставниците на Светската банка ја поздравиле реформската определба на Владата и потврдиле дека институцијата продолжува со силната експертска и финансиска поддршка.
Гувернерот Трајко Славески на средбите ги истакнал резултатите и активностите за интегрирање на македонскиот финансиски систем во европската платежна мрежа.
Тој истакнал дека една година по приклучувањето на нашата земја кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, оваа иницијатива прераснала во водечки канал за извршување и примање прекугранични плаќања во евра, носејќи конкретни и видливи придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата, но и за економијата во целина.
Славески кажал и дека приоритет на Народната банка е воспоставувањето национална платформа за инстант плаќања, заснована врз моделот на европскиот систем ТИПС, што ќе претставува значаен исчекор во модернизацијата на домашната платежна инфраструктура.
„По воведувањето на инстант плаќањата на домашниот пазар, следниот чекор ќе биде регионалното поврзување со платните системи на земјите од регионот и нивното интегрирање во поширокиот европски платежен простор“,
рекол Славески додавајќи дека тоа ќе придонесе за продлабочување на економските врски.
