Сакаме да им ветиме на граѓаните дека доколку сме дел од законодавната и извршната власт во рок од 90 дена ќе го вратиме бегалецот Груевски, изјави денеска носителот на листа на кандидати за пратеници на коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ во ИЕ 2, Јове Кекеновски, на средба со граѓаните на Општина Ѓорче Петров.
Тој посочил дека министерката за правда и нејзините партиски колеги и функционери му овозможија на Груевски да избега во Будимпешта, а таа не мрднува ниту со најмалиот прст да го врати и да одговара за другите злодела. Прстот го впери и во Уставниот суд.
„Онака како што замина така ќе биде и вратен, а украдените пари ќе им бидат поделени на граѓаните. Во оваа воспоставена матрица на несериозност, несовесност и јавашлак успешно се вклопува и Уставниот суд кој вчера немаше храброст да ја отфрли Иницијативата за поништување на став 5 од членот 353 од КЗ кој се однесува злоупотребата на службената позиција во врска со јавните тендери. Замислете дури четворица од вкупно девет судии на Уставниот суд се изјасниле дека истиот треба да се поништи, бидејќи луѓето кои се обвинети од СЈО за милионски злоупотреби со тендерите ‘страдале’ поради преширокото толкување на оваа одредба. Да ги потсетам уставните судии и адвокатот подносител дека постои еден институт кој се нарекува автентично толкување на законот. Уставните судии се срам за државата и затоа повторно ја бараме оставката на судиите, а доколку тоа не се случи, по конституирањето ќе бараме нивно разрешување“, рече тој.
Кекеновски се осврна и на пандемијата и рече дека техничката влада нема капацитет да се справи со ковид-19.
„Се плашиме дека по изборите ќе ни се преслика ситуацијата од Србија. Неспособниот технички министер познат по пиши-бриши уредбите наместо со Комисијата за заразни болести да работи на намалување на последиците од пандемијата, тој на сметка на мртвите и жртвите се пуштил во ловење на гласови. Ветува брда и долини, 1 000 километри патишта, а не гледа дека бројот на заразени постојно расте. Значи неодговорноста, неспособноста, несовесноста се собрани на едно место, и затоа тој бесрамно го бара гласот на граѓаните“,
рече Кекеновски.