Проектот, предвидува изградба на современ автопат со две возни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и помошни ленти од по 2,75 метри од двете страни. Проектираната брзина ќе изнесува од 110 до 130 километри на час

Автопатска делница во должина од 12 километри почна да се гради од Букојчани до Кичево и таа е дел од Коридорот 8, рече заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на денешното ставање камен-темелник.
Според Николоски, изградбата на ова автопатско решение, за кое вели дека е исклучително важна делница, ќе значи целосна доизградба на коридорот и целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид.
„Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Со ова автопатско поврзување, целиот коридор добива смисла“,
рече Николоски.
Градежните активности за овој автопат почнаа на локацијата каде што завршува делницата Охрид-Кичево, а истовремено интензивно се работи на изградба на решението од Букојчани до Гостивар.
Николоски вели дека изградбата на овој автопат ќе се одвива на планински терен, што е исклучително тежок и што бара многу знаење и искуство.
„Сметам дека изведувачите што се избрани, заедно со надзорот и со техничката поддршка, ќе можат да завршат одлична работа и сум убеден дека во предвидениот рок од четири години проектот ќе биде завршен“,
рече Николоски.
Проектот, предвидува изградба на современ автопат со две возни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и помошни ленти од по 2,75 метри од двете страни. Проектираната брзина ќе изнесува од 110 до 130 километри на час.
Николоски дека почетокот на изградбата е дел од развојната визија поставена во 2024 година, со која државата треба да се позиционира како значајна крстосница на двата паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10.
Тој вели дека изградбата на делницата Букојчани – Кичево претставува значаен инфраструктурен чекор кон подобра поврзаност, побрз и побезбеден транспорт и зајакнување на стратешката улога на Македонија во регионалните транспортни коридори.
Премиерот Христијан Мицкоски, на поставувањето камен-темелник, рече дека изградбата на оваа делница претставува предизвик од инженерски аспект.
„Она што за мене претставува многу значајно е фактот дека без оваа секција се она останато коешто го правиме, немаше смисла“,
рече Мицкоски.
Тој очекува една делница од автопатот Кичево-Охрид, тоа е од Извор до Врбјани, многу скоро да биде пуштена, а целосната делница од Кичево до Охрид да биде пуштена најдоцна во првата половина од 2027 година.
